Соборениот претседател на Нигер бара помош од Американците: „Ви пишувам како заложник“

од Stefanija Kuzmanovska
191 прегледи

Соборениот лидер на Нигер побара од САД и „целата меѓународна заедница“ да помогнат во „обновувањето на уставниот поредок“ по минатонеделниот пуч. Во својот коментар објавен во „Вашингтон пост“, соборениот претседател Мохамед Базум изјави дека пишува „како заложник“.

Тој, исто така, предупреди дека регионот може уште повеќе да дојде под руско влијание преку групата „Вагнер“, која делува во соседните земји. Западните земји стравуваат дека Нигер би можел да го следи примерот на своите соседи во свртувањето кон Русија како сојузник, како и дека тоа ќе ги зајакне исламистите, а соседните земји на Нигер од Западна Африка се заканија со воена интервенција.

Нигер е главен производител на ураниум

Водачите на пучот вчера објавија дека ги повлекуваат амбасадорите од Франција, САД, Нигерија и Того. Само неколку часа претходно, амбасадорот на Нигер во САД, Киари Лиман-Тингири, изјави за АФП дека хунтата „треба да се вразуми“ и да сфати дека „нивната кауза не може да успее“.

Нигер е главен производител на ураниум, гориво од суштинско значење за нуклеарната енергија. Исто така, за време на соборениот претседател Базум, таа земја беше еден од клучните сојузници на Западот, со кого ја водеше борбата против исламистите во Сахел.

Во напис за американскиот весник, Базум истакнува дека „борбата за заеднички вредности, плурализам и почитување на владеењето на правото е единствениот пат кон одржлив напредок против сиромаштијата и тероризмот“. Тој, исто така, тврди дека пучистите се поврзани со платеници од „Вагнер“ кои имаат злобно влијание во Нигер и дека целиот регион Сахел може да потпадне под руско влијание.

Слични содржини