„Собрание за граѓаните“ парламентарниот карван помина во Гостивар

од Destan Jonuzi
207 прегледи

Пратениците од гостиварско денеска учествуваа во мобилниот парламентарен карван „Собрание за граѓаните“, како дел од активностите на Собранието на Република Северна Македонија за зголемување на транспарентноста и отчетноста.

Тие преку директни средби со граѓаните на градскиот плоштад ги запознаваа со работата на Собранието, историјата на парламентаризмот, законодавната постапка и други теми поврзани со законодавниот дом. Низ разговор, народните избраници имаа можност директно да ги слушнат нивните потреби и прашања.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето напомена дека и покрај што пратениците користат канцеларии за средби со граѓаните во општините од каде се избрани, комуникацијата треба да се засили.

– Работата во Собранието бара да бидеме присутни таму и сакале или не и не оддалечува од директната комуникација со граѓаните. Овој проект на НДИ е добар начин, одвреме-навреме да излеземе и да бидеме присутни меѓу нашите сограѓани, младите и внимателно да слушнеме кои се нивните потреби и барања, рече Џафери.

Користа од ваквите средби ја истакнаа и пратениците Халил, Снопче, Дафина Стојаноска и Драгољуб Филипоски и во нивните обраќања посочија примери на соработка и за застапувањето на граѓаните.

Кампањата „Собрание за граѓаните“ се реализира во рамки на „Програмата за парламентарна поддршка“, проект поддржан од Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) преку швајцарска амбасада во Република Северна Македонија. „Програмата за парламентарна поддршка“ се спроведува од Националниот демократски институт (НДИ), Институт за демократија „Социетас Цивилис“-Скопје (ИДСЦС) и Центарот за управување со промени (ЦУП).

Слични содржини