Собранието доби заштитена соба за поголем надзор над безбедносните служби

од Nikola Popovski
30 прегледи

Во Собранието денеска свечено се промовираше и се пушти во употреба заштитената соба и заштитениот простор. Дизајнот на т.н. глува или тивка соба ги исполнуваа строгите безбедносни барања поставени и од НАТО и од Европската Унија.

Во  изградбата се користени напредни технолошки заштитни мерки. Физичкиот простор е изграден со материјали кои спречуваат неовластено следење и прислушување, обезбедувајќи комуникациите да останат доверливи и заштитени од надворешни закани.

Проектот ги инкорпорира најдобрите практики во управувањето со безбедносниот сектор, нагласувајќи ја отпорноста и на традиционалните и на новите безбедносни предизвици. Овој сеопфатен пристап осигурува не само безбедно решение, туку и приспособлививост на идниот напредок во надзорот над безбедноста и разузнавањето.

На денешната промоција, претседателот на Собранието, Африм Гаши рече дека заштитената соба ја унапредува надзорната улога на Собранието.

„Заштитената соба не е сувопарно барање кое произлегува од Меморандумот за разбирање со ДЦАФ, таа е барање на НАТО. Оттука, процесот за нејзина изградба, набавка на опрема и операционализирање беа особено комплексни. Ми претставува особено задоволство да подвлечам дека моите претходнци, пратениците од предходните парламентарни состави, заедно со службите и партнерите останаа на заложбата да се изгради оваа соба според највисоките НАТО стандарди“, рече Гаши.

Тој нагласи дека членството во ЕУ и НАТО подразбира реформи, чекори и стандарди за сите институции.

„Во нашите напори да станеме членка на Унијата, неизбежна е и регионалната соработка и споделување најдобри практики со регионот и меѓу членките на Унијата. Оттука како Собрание веќе остваривме соработка со Собранието на Република Словенија, а нашето искуство во целокупниот процес сме подготвени да го споделиме со државите аспиранти за членство кои ќе изразат интерес“, рече Гаши.

Владо Ѓердовски, раководител на ДЦАФ – Скопје, рече дека оваа соба е многу повеќе од безбедносен објект. Тоа е, како што нагласи, место каде што може да се водат критични и критички разговори, без страв од компромитација, обезбедувајќи одлуките за националната безбедност да се носат во средина на доверба и доверливост.

Координаторот на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, рече дека со пуштањето на заштитената соба се заокружуваат речиси седумгодишни напори и заложби за јакнење на парламентарниот надзор над безбедносните служби. Согласноста за изградба на таква собра во Собранието, како што наведе, е постигната консензуално меѓу пратениците од мнозинството и опозицијата.

Координаторот на ПГ на СДСМ, Оливер Спасовски, рече дека станува збор за исклучително важен проект не само за Собранието, туку и за граѓаните. Тој истакна дека со ова се зајакнува демократскиот капацитет на законодавната власт и се овозможува поголем парламентарен надзор над службите и мерките за следење на комуникациите.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман, зборувајќи и во име на амбасадите на ЕУ, Холандија и на Шведска, рече дека надзорот е неопходна мерка за да се обезбеди слобода и владеење на правото.

Јанез Жакељ, претседател на Комисија за надзор над службите за безбедност и разузнавање од Собранието на Република Словенија, истакна дека парламенатрниот надзор мора да биде ефикасен за да спречи евентуални злоупотреби на службите.

Андреј Рупник, директор на ДЦАФ – Љубљана, рече дека ова е важен чекор за Собранието на РСМ за постигнување на меѓународните безбедносни стандарди.

Слични содржини