Собранието донесе повеќе закони од различни области

од Aleksandar Petrovski
161 прегледи

Собранието попладнево во рамки на 126. седница изгласа повеќе закони за кои расправата беше завршена. Пратениците со 55 гласа „за“, десет „против“ и без воздржани ја именуваа Пламенка Бојчева за директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, а за нејзин заменик Блерим Исени.

Со 58 гласа „за“, без воздржани и без ниту еден глас против, Имер Алиу беше избран за директор на Дирекцијата за заштита на личните податоци. За негов заменик е избран Игор Кузевски со 59 гласа „за“, 12 „против“ и без воздржани.

Агим Рушити, вонреден професор на Педагошкиот факултет во Скопје, е именуван за директор на Агенцијата за квалитет во високото образование.

Собранието ја донесе одлуката за именување член на Комисијата на Агенцијата за пошти, Предлог-одлука за изменување на Одлуката за именување на претседател, потпретседател, членови и заменици-членови на Националниот совет за евроинтеграции, законот за ратификација на Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Франција која се однесува на средните училишта со франкофонски двојазични паралелки, законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за отворање на заеднички граничен премин Лојане-Миратовец.  Собранието ја донесе и одлуката за изменување на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Северна Македонија.

Претседателот на Собранието Талат Џафери ја прекина седницата поради негови протоколарни обврски. Собранието ќе продолжи со работа в петок, во 12 часот со 123 седница. Собранието утре во 11 часот треба да ја почне 124 седница на чиј дневен ред е поставување пратенички прашања.