Собранието ги избра Шабани и Сулејмани за нови заменици-министри

Адмир Шабани во одбрана, Дритон Сулејмани во образование

од Nikola Popovski
15 прегледи Фото: Фејсбук/Собрание

Собранието, во рамките на 90. седница, денеска, со 71 глас „за“ и 11 „против“, за заменик-министер за одбрана го избра Адмир Шабани, а за заменик министер за образование и наука, Дритон Сулејмани.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, образложувајќи ги предлозите, истакна дека изборот на двајца заменик-министри е решение кое не е само кадровска одлука, туку дел од поширокиот процес на зајакнување на институциите, на враќање на довербата во државата и на градење систем што работи во интерес на граѓаните.

-Нашата обврска како Влада е да поставиме луѓе што имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе што ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани – рече Мицкоски.

За Шабани и Сулејмани зборуваа пратеничките на Беса Мимоза Муса и Имрлије Салиу Фетаи, кои сметаат дека тие се професионалци кои со своите квалификации ќе дадат придонес во овие сектори.

На почетокот на седницата беше усвоен дневниот ред а пратениците ја изгласаа потребата за носење на законите за градење и за градежно земјиште, по скратена постапка. По усвојувањето на дневниот ред следуваа опозоциските прашања. По гласањето за замениците министри, седницата беше прекината, а продолжението ќе биде дополнително закажано.