Собранието го разгледа Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија за 2022 година

од Radmila Tasevska
223 прегледи

Собранието во рамките на попладневниот дел од денешната работа по дневниот ред на 120. седница го разгледа Годишниот извештај за извршените ревизии и за работата на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2022 година, кога се извршени вкупно 188 ревизии, издадени се 223 ревизорски извештаи со утврдени 1242 состојби и дадени се 775 препораки кои делумно се уважени. Гласањето ќе биде дополнително закажано.

Во расправата се вклучија само пратеници од опозицијата кои како афирмативен го оценија извештајот за ДЗР и посочија дека во целост се согласуваат со забелешките во него. Извештајот, според нив, потврдува дека имаме нефункционална држава.

-Државниот завод за ревизија стручно си ја врши работата, а институциите во голем дел не одговараат на препораките од  ДЗР. Тоа треба да го вклучи алармот извештаите секогаш да се земаат во предвид и да се постапува по препораките кои се дадени зашто само така може да се надминат слабостите во работењето, рече Александар Велјановски од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговиот сопартиец Здравко Трајанов рече дека е потребна добра дијагностика за да се подобрат состојбите во една држава.

-Таа дијагностика е токму овој извештај, а фокусот и интересот на Владата е нешто друго. ДЗР ја завршил својата работа со оценка 10, но кога ќе наидете од другата страна на глувост работите се вакви какви што се. Во извештајот се дадени препораки како да се подобрат состојбите, но ништо не е направено, посочи Трајанов.

Ане Лашкоска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека оваа институција е можеби единствената светла точка во државата и може да покаже како треба да функционира една државна институција. Во неа, додаде, работат професионалци кои си ја знаат работата.

Слични содржини