Собранието ја отфрли интерпелацијата за Меџити, само тројца пратеници гласаа за

од Milan1
13 прегледи

Собранието вечерва со три гласа „за“ и 64 против ја отфрли интерпелацијата за првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити што ја поднесе коалицијата „Европски фронт“.

Интерпелацијата ја образложи Блерим Беџети, истакнувајќи дека „Европски фронт“ од првиот вицепремиер и министер бара политичка одговорност и оставка поради неговата неспособност да управува со ситуации кои придонеле за влошување на меѓуетничките односи. Беџети како причини за интерпелацијата ги наведе случајот од 28 ноември со палењето на државното знаме, Балансерот, одлуките на Владата за бришење на дијаспората и Законот за јазиците.

Меџити оцени дека интерпелацијата не е поврзана со него, ниту со албанскиот јазик, Балансерот или правичната застапеност, туку со желбата на ДУИ да се врати на власт. Тој и порача на партијата да се реформира и да престане со „агресивноста, ароганцијата и подигнувањето на меѓуетничките тензии кои ги практикува изминатите шест месеци, откако е во опозиција“.

Во текот на расправата, пратеникот Љупчо Пренџов кој рече дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“ нема да ја поддржат интерпелацијата, и порача на ДУИ да не „продава“ лажен патриотизам, туку да делува како конструктивна опозиција, да се приклучи кон промените за добро на сите граѓани и да ги прифати владините мерки за подобар стандард и подобар живот во државата.

Според Халил Снопче од Вреди, интерпелациите што ги поднесува „Европски фронт“, вклучувајќи ја и оваа за Меџити, се обид на ДУИ да не понесе одговорност за изминатите 20 години кога беше на власт.

– Ова е обид на ДУИ да ги измами граѓаните. По две децении власт со непотизам, корупција и криминал, ДУИ нема срам вината да ја префрли на друг. Остави уништена држава, а оваа интерпелација не е ништо друго, освен обид да се сокријат нивните обиди за непонесување одговорност, истакна Снопче.

Рина Ајдари од коалицијата „Европски фронт“ рече дека со интерпелацијата бараат одговорност за работата на Меџити зашто тој не ги менаџирал како што треба „тензичните меѓуетнички ситуации“. На тоа реплицираше Меџити кој обвини дека ДУИ се мешале во судството и станале „од партија на војната, партија во служба на ВМРО-ДПМНЕ, Груевски и Мијалков“.

Весна Бендевска нагласи дека Движењето ЗНАМ не ја поддржува интерпелацијата на Меџити зашто е неоснована, непоткрепена, тенденциозна и малициозна. Бендевска порача и дека во македонското општество мора да се случи „дедуизација“, а тоа, напомена, не значи албанофобија или антиалбанство, туку ослободување на сите граѓани, особено на оние со албанско етничко потекло, од стегите на криминалот и корупцијата на ДУИ.

И Левица кажа дека нема да ја поддржи интерпелацијата Меџити.

Слични содржини