Денеска собраниската Комисија за труд и социјална политика треба да расправа за Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи во прво читање, со којшто се определува недела како ден на неделен одмор за сите, со одредени исклучоци кај работодавачи во дејностите каде работниот процес не дозволува да се направи прекин на работниот процес.
-Многу истражувања го утврдуваат значењето на рамнотежата помеѓу професионалниот и приватниот живот, како неопходен елемент во животот на работникот, затоа што оваа рамнотежа придонесува работникот да биде поефикасен и мотивиран на работното место, а од друга страна да има и приватен живот – семеен и социјален, што ги задоволува неговите потреби и потребите на неговите блиски. Гледно во национален контекст, односите со семејството и пријателите се традиционални вредности коишто треба да се чуваат и развиваат. Дополнително, работникот треба да има време да се занимава со хоби, да спортува и да посетува културни настани, а сето тоа, вклучително и исполнетиот семеен и социјален живот ќе му помогнат на работникот да го канализира оптоварувањето на работното место и да биде попродуктивен, стои во образложението на Предлог законот од Министерството за труд и социјална политика.
Од владејачката партија соопштија дека измените на овој закон кои се изработени по пат на социјален дијалог, предвидуваат недела да биде ден за неделен одмор за сите работници, освен за дел од работниците во дејностите каде работниот процес не може да биде прекинат.
-Но, овие работници кои ќе работат во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50% од редовната дневница, а исто така ќе добијат и слободен ден што можат да го искористат во наредните седум дена.
Резултатите од спроведените анализи говорат дека, со овие измени, недела ќе биде ден за одмор за над 92% од работниците во земјава.
Паралелно, со измените на Законот за трговија за вработените во трговија предвидена е двојна дневница и слободен ден, бидејќи станува збор за дејност која не може да се прекине.
Имплементацијата на Законот ќе биде под целосна контрола на Државниот инспекторат за труд, а оние кои нема да го почитуваат ќе добијат забрана за работа од 15 дена и прекршочен платен налог.
Како одговорна, социјалдемократска партија целосно сме посветени на унапредување на работничките права и условите за работа на работниците, информираа пред извено време од владејачката партија