Собраниската комисија ја усвои потребата од донесување законско решение за задолжително пензионирање на 64 години

323 прегледи

Во прво читање, Собраниската Комисија за труд и социјална политика денес имаше расправа за измените и дополнувањата на Законот за работни односи. Во истите спаѓаат пензионирање на 64 години, и 15 години стаж.

Комисијата ја усвои потребата за донесување на едно вакво законско решение, а пред второто читање треба да се одржи расправа со вклучување на сите засегнати страни, за да се чујат нивните мислења.

Според анализите кои ги направиле предлагачите во координација со Министерството за труд и социјална политика, до крајот на годинава возрасната граница за пензионирање со 64 години ќе ја достигнат околу 6000 лица. Но, како што појаснуваат, тоа не значи дека согласно предложените законски измени сите тие ќе одат во пензија, бидејќи дел од нив веќе имаат побарано продолжување на работниот однос. Со овие измени се предвидува прекинување на договорите за работа со 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку во друг закон не е поинаку регулирано.

Опозицијата реагираше дека ова законско решение е противречно и дека може да се искористи за долонителни партиски вработувања.Од опозицијата посочија и дека имаат анализи дека не се во прашање само 6000 граѓани кои ја исполнуваат старосната граница до крајот на годинава, туку 10 илјади. Побараа да се направат анализи како пензионирањето на овие лица ќе се одрази врз Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и дали ќе може да го издржи напливот.

Законските измени во собраниска процедура ги поднесоа пратеници од СДСМ, во координација со Министерството за труд и социјална политика.

Овие законски измени се предложени за дневен ред на 21. собраниска седница.

Слични содржини