Софија испрати свој човек во Струга за да утврди кој и зошто го претепал Кадриески од бугарскиот клуб „Шемето“

од Nikola Popovski
597 прегледи

Бугарското Министерство за надворешни работи добило информација за извршен физички напад врз копретседателот на бугарскиот клуб „Шемето“ од Струга. Според првичните податоци, на Бекир Кадриески му била укажана лекарска помош и бил примен во локална струшка болница.

Од тамошното МНР порачаа дека вработен во Генералниот конзулат во Битола бил испратен и сега се наоѓа во Струга, за да утврди дали нападот е поради „омраза кон лицата со бугарска самосвест“.

-Во моментов се расчистуваат фактите околу случајот, велат од бугарската дипломатија, објавија тамошните медиуми.

Министерството за внатрешни работи на Македонија синоќа официјално ја потврди информацијата дека еден од основачите на бугарскиот клуб бил претепан од маж од струшко село, но дека се работи за „нарушување на јавниот ред и мир“. МВР засега не верува дека се работи за етнички мотивиран напад.

Од клубот пак велат дека Кадриески бил мета и нападнат одзади поради неговата етничка припадност и самоопределување и дека има повреди во пределот на стомакот и градниот кош.

Покрај медиумите во Бугарија, со реакција за случајот се огласи и партијата ГЕРБ на Бојко Борисов која го окарактеризира инцидентот како брутален чин на насилство врз државјанин на „Република Северна Македонија со бугарски идентитет“.

Слични содржини