Бугарското министерство за надворешни работи го повика привремениот амбасадор на Северна Македонија во Софија, Владимир Крастевски на разговор, за да му биде врачена протестна нота.
-Причината е уште еден чин на сквернавење на бугарските национални симболи во Северна Македонија, наведуваат од бугарското МНР и додаваат:
-Нашето Министерство за надворешни работи посочи дека секоја акција, изразување омраза против друга држава или нејзините граѓани, е во спротивност со основните вредности на модерните демократски општества и го попречува воспоставувањето добрососедски односи, стои во соопштението.
Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија вчера најостро го осуди оштетувањето на јарболот и отстранувањето на знамето на Република Бугарија на Трговско-економското претставништво при Генералниот конзулат на Република Бугарија во Битола.
– Овој вандалски и неодговорен акт на некој поединец, чиј идентитет ќе биде предмет на разгледување од страна на надлежните органи, во никој случај не треба да се поистоветува со населението на овој традиционално конзулски и космополитски град, се вели во соопштението на МНР.