Бугарската партија ВМРО-БНД ја започна изборната кампања со видео во кое Охрид се претставува како дел од борбата за заштита на бугарскиот јазик.
Првиот човек на бугарската партија ВМРО-БНД е поранешниот министер за одбрана Красимир Каракачанов, кој за време на преговорите меѓу Скопје и Софија по прашањето што го попречува почетокот на преговорите меѓу Северна Македонија и ЕУ, зазеде прилично тврд став.
За време на неговиот мандат во Министерството за одбрана, Каракачанов изјави дека „Македонците можат да мислат само дека Гоце Делчев бил Македонец“, но исто така потенцираше дека во меѓународното право нема аргумент „мислам“.
„За време на српската окупација и Тито, вие себе си се нарекувавте Југословени и тоа е ваше право, но не крадете ја нашата историја“, рече Каракачанов, обраќајќи им се на властите и граѓаните на Северна Македонија.
Македонското Министерство за надворешни работи остро реагираше на ова видео, осудувајќи ги територијалните претензии прикажани во предизборното видео.
„Во напорите за засилување на дијалогот и зацврстување на довербата, сето во функција на унапредување на добрососедските односи, објавувањето на предизборни спотови во кои се изразуваат територијални претензии и еднострани чувства за припадност и присвојување кон друга соседна држава, не е во духот на градење пријателство и почитување на европските вредности, за кои заедно толку многу се заземаме.
Очекуваме официјалните претставници на Република Бугарија да се оградат и ги осудат ваквите настапи на една од потенцијалните политички учесници во највисокиот дом на Бугарија“, севели во официјалната реакција на МНР.
Но од Софија за претензиите на нивниот довчерашен мнистер за одбрана, молк. Слична беше и ситуацијата кога Каракачанов велеше дека е спремен да испрати инженерски полк за да ги отстрани спомениците и спомен-плочите во Македонија на кои што пишува „бугарски фашистички окупатор“.
Не слушнавме ниту збор за тврдењето дека Охрид е бугарска престолнина и дека никој не може да го негира тоа од страна на бугарскиот европратеник и сопартиец на Каракачанов – Ангел Џамбаски.
Но не толку одамна од МНР на нашиот источен сосед „потрчаа“ да изразат згрозеност од говорот на младиот член на УМС на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ѓуровски.
„Татарските фашисти и одвратната бугарска рака“, беше само дел од говорот на Ѓуровски, кој се одржал пред десетина дена во центарот на Скопје.
Според бугарското МНР, ваквите провокации се косат со сите основни европски принципи и норми на политичко однесување.
„Тие се симбол на стереотипите наследени од минатото, кои се во спротивност со декларираното од Република Северна Македонија и желбата на нејзиното општество да ги сподели европските вредности и да се приклучи на заедничкото европско семејство“, се вели во позицијата на Министерството за надворешни работи .
„Бугарија отсекогаш покажувала конзистентност, транспарентност и конструктивност во односите со соседите. И покрај сите наши манифестации на добрососедство, нашата земја продолжува да биде предмет на демонизација и говор на омраза во домашната политичка дебата во Република Северна Македонија, што е неприфатливо во современиот демократски свет“, посочи бугарското МНР.
Дали станува збор за неприфатливо однесување во современиот демократски свет и двојни аршини кога јасно сведочиме на неевропско однесување од земја-членка на ЕУ во современиот демократски свет?