Националното собрание на Бугарија усвои резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Резолуцијата била едногласно поддржана со 194 гласови „за“.
Во резолуцијата, поднесена од пратеникот Тошко Јорданов од партијата Има таков народ, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги презедоа. Се нагласува дека неприфатливи се секакви обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од постигнатите договори.
Во неа се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна, и Унијата како целина, од друга страна и затоа не претставува билатерално прашање и се потсетува дека европскиот консензус се заснова на заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, Преговарачката рамка на Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година
Бугарското собрание ги повикува институциите на ЕУ да продолжат со своите напори за гарантирање на правата на Бугарите во Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, меморија на предците и идентитет, и да усвојат инклузивен пристап кон чувствителните прашања на националниот идентитет во мултиетничкото општество на Македонија.
-Во резолуцијата се повикуваат меѓународните организации строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Република Северна Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија против Бугарите или претставници на други заедници, стои во резолуцијата.
Се наведува дека Народното собрание очекува, во спроведување на европскиот консензус од 2022 година, Македонија да развие и достави Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедници, придружен со Патоказот за владеење на правото.
-Овој план, чија имплементација ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на Република Северна Македонија, се наведува во усвоената одлука. Во одлуката, исто така, се наведува дека Националното собрание им дава силна и непоколеблива поддршка на сите Бугари во Република Северна Македонија и инсистира на недискриминаторски третман кон нив и предлага Советот на министри да ја достави одлуката до Советот на ЕУ, Европскиот парламент, Европската комисија, како и до Советот на Европа, стои во документот.
Исто така во резолуцијата се забележува дека Народното собрание со особено внимание ги следи судењата против граѓани кои отворено го потврдуваат својот бугарски идентитет, вклучително и случајот со Љупчо Георгиевски, поранешен претседатeл на згаснатото бугарско здружение „Ванчо Михајлов“ за ширење раздор, нетрпеливости и омраза кон македонскиот народ и придобивките од НОБ и зa ширење ксенофобија преку компјутерски систем.
-Очекуваме независното судство да продолжи да се води исклучиво од принципите на правото и да ја задржи својата неутралност од обидите за инструментализирање на елементи од политичкиот процес, се наведува во образложението на подносителите на петицијата. Во образложението, исто така, се наведува дека на политичко ниво, негативната реторика кон Бугарија ескалира и се сугерира дека причината за заостанувањето на земјата се тврдењата на бугарската држава, стои во резолуцијата, пренесоа бугарските медиуми.