Сојуз на средношколци: Безбедноста на училиштата важна во претстојниот период поради можност од „домино ефект“

од Vladimir Zorba
227 прегледи

На покана на Министерот за образование и наука, Сојузот на средношколци учествуваше на вчерашната средба со универзитетските професори од областа на педагогијата,  психологијата, социологијата, правото и безбедносните науки, која се одржа во просториите на МОН. Оваа средба е првата фаза од консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на меѓуврсничкото насилство во училиштата.

Став на Сојузот на средношколци е дека мора да се делува брзо и ефикасно за да се превенираат и избегнат негативните ефекти, а истовремено спроведените мерки да дадат конкретни и видливи резултати на терен.

Во тој поглед, претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ, на средбата ги претстави нашите четири предлози, чии генерални црти и начела беа застапени уште во неговата изборна програма, т.е. во мај 2021 година.

Најпрвин, Сојузот смета дека безбедносниот аспект ќе биде мошне важен во претстојниот период поради ризикот од т.н. „домино ефект“. Затоа предложивме МОН да стапи во меѓуинституционална соработка со Министерството за внатрешни работи со цел засилено обезбедување на училиштата најдоцна до крајот на оваа учебна година.

Иако во Македонија скоро секое училиште е екипирано со тим на стручни соработници (педагог, психолог и специјален едукатор), праксата покажува дека училишните психолози се обременети со административна работа, што ги спречува да комуницираат со корисниците на нивните услуги – учениците. Водејќи се од позитивните примери присутни во некои училишта во нашата земја, Сојузот предлага нов модел на работа на училишните психолози. Имено, нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог.

Понатаму, свесни сме дека за ваква промена ќе бидат потребни обуки и доквалифакации за стручните служби и сметаме дека тие треба да се спроведат што поскоро, односно штом биде изготвен протоколот кој ќе го дефинира новиот модел. За да се избегне докажаната неуспешност на обуките, Сојузот предложи и спроведување на тестирања кои ќе ги мерат знаењата стекнати од овие обуки.

Сојузот мисли дека летниот распуст треба да биде употребен за изготвување на протоколот за новиот модел на работа на стручните служби и за отпочнување на обуките за соработниците. Мора да се дејствува веднаш!

Последно, Сојузот ја поздравува одлуката на МОН да ги отвори електронските адреси [email protected] и [email protected], на кои ќе може да се пријавува меѓуврсничко насилство. Ние предложивме да се размисли и отворање на бесплатна телефонска линија и профили на социјалните медиуми, со цел оваа можност да биде поблиска до целната група – средношколците и ученичките воопшто.

Сојузот на средношколци ќе продолжи да биде активно вклучен во процесите на работната група и ќе ги застапува потребите на средношколците коишто се однесуваат на менталното здравје, меѓуврсничкото насилство и безбедноста, се вели во соопштението на Сојузот.

Слични содржини