Сојуз на средношколци: На институциите им се случи EROR 404

305 прегледи

Во своето соопштение, Сојуз на средношколци му даде оценка на Министерството за образование и наука и за работата го оцени со „1“. Тие впрочем се незадоволни што средните училишта се уште се затворени.

„Помина цела година откако пандемијата ги затвори средните училишта. Поминаа 365 дена без еден средношколец да се врати во училишните клупи. Наместо да научат нешто од периодот март-јуни 2020 година и тоа време да го искористат за изготвување на јасна стратегија како и кога (средните) училишта ќе бидат повторно отворени, на институциите им се случи ERROR 404. Исто како и на училиште – кога не си подготвен за часовите, добиваш единица, така и МОН се здоби со една голема единица за својата работа по ова прашање“, стои во соопштението. 

Исто така, од Сојузот објавија и дел од анкета која ја спровеле меѓу членовите.

„Иако Сојузот се залага за комбинирана настава преку давање на конкретни предлози, гледаме дека тоа не се случува. Направивме истражувања за наставата од далечина и нејзините ефекти, коишто ни покажаа дека: 70% од учениците рекле дека во нивниот клас има ученици кои не се поврзуваат на настава. 80% од испитаниците го оценуваат квалитетот на онлајн наставата со 1, 2, или 3“, посочија од Сојузот.

Според средношколците, ова биле само краткорочни последици на наставата на далечината. А, според нивните предивидувања, тоа ќе влијае многу врз развојот на учениците.

„Таа ќе влијае и на подолг рок врз менталното здравје на учениците, учеството на жените во образованието и пазарот на труд, како и врз социо-економските разлики. Заклучени катанци продолжуваат да бидат закачени на училишните порти дури и кога УНИЦЕФ вели дека приоритет на МОН треба да биде тие повторно да се отворат“, стои во соопштението.

Слични содржини