Општинската организација на Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово испрати отворено писмо до тетовскиот градоначалник Биљал Касами во кое бара да нема преименување на градските улици кои носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народности. Воедно и од членовите на Советот се бара и апелира да нема именување на улици и инфраструктурни објекти со имиња на личности, настани и датуми кои слават фашистичка, терористичка, милитаристичка или радикална личност, односно група.
„Почитуван Билал Касами, како градоначалник на Општината, вие по Устав, закон и здрав разум, сте градоначалник во служба на сите граѓани кои живеат во општината за која сте добиле чест и доверба да ја предводите. Определувањето на имињата на улиците не е инструмент со кој можете политички да профитирате, туку е отворање на пандорината кутија од која може да излезат големи непријатности за сите. Вашата најава за промена на постоечките и определување на нови имиња дека одлучува Советот на Општината и дека верувате во политички консензус, а притоа велите дека доколку владејачката ВМРО-ДПМНЕ или која било друга македонска партија одлучи да не биде дел од процесот значи дека истите се согласиле сите улици во градот да бидат именувани според албански личности. Дополнително, додавате дека за предметната одлука воопшто не е потребно Бадентерово мнозинство. Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во ч. 4, стр. 2 експлицитно пропишува дека Одлуката за определување на име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината ја носи Советот со мнозинство гласови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината“, се вели во соопштението испратено од Сојузот на борците од Тетово до Касами.
Во писмото, како што се наведува, се потсетува дека промената на имињата на улиците, плоштадите, мостовите и другите инфраструктурни објекти не смее да се врши 6 месеци пред редовните избори, како и делот од Законот кој вели дека на списокот не смее да има имиња кои штетат имиџот на Република Македонија, граѓаните на Републиката и граѓаните на други држави, како и ги нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.
Отвореното писмо е испратено и до Владата, министерствата, како и до амбасадите на ЕУ и САД.
Општина Тетово формираше работна група за именување и преименување на улици, плоштади, паркови и некои инфраструктурни објекти. Во првата фаза е направен регистер на сите улици, по што треба да се распише јавен оглас за предлози со имиња, кои потоа треба да поминат во Советот и на владина седница.