
Со само 15 години, со своите постигнати успеси ширум светот, Инес Неделковска претставува вистински амбасадор на Република Македонија. Во нејзината биографија веќе се вдомени шест први награди на државните натпревари и девет први меѓународни награди. Инес е добитник на три први награди во Њујорк, како и добитник на Гран При наградата од жирито (тоа е посебна награда доделена од страна на жири комисијата на најдобриот натпреварувач од сите дисциплини на целиот натпревар), прва награда на интернационалниот натпревар по пијано во Лондон, победник во Италија – Наполи и Бари (апсолутен победник ), Монте Карло, и др. Овие награди резултираат со настапи на младата пијанистка во најпрестижните сали во светските метрополи: Њујорк – Меркин Хол во Кауфман центарот, како и светски реномираниот Карнеги Хол (каде што Инес има настапено веќе два пати), а потоа и во легендарниот Ројал Алберт Хол во Лондон.
Инес исто така има реализирано и значајна концертна меѓународна активност. Како член на престижната светска фондација за млади таленти Владимир Спиваков од Русија, на 10 годишна возраст, Инес настапи на три концерти во Москва, како и во Љубљана, Загреб, Белград.
Покрај тоа што повеќе пати има настапено како солист со Македонската филхармонија, талентираната Инес реализираше исклучителни настапи како солист со камерниот оркестар од Софија, Бугарија; камерниот оркестар „Ансамбл Арт Линк млади виртуози“; во престижната сала Коларац во Белград, со Младинскиот симфониски оркестар на Новосибирск а концертот беше пренесуван од страна на Руската национална телевизија.
Инес Неделковска е деветто одделение во ОУ “Лазо Ангеловски” и ДМБУЦ “Илија Николовски – Луј”. Оваа млада пијанистка е во класата вонр. проф. д-р Нина Костова (студент на еминентнитеруски пијанисти и педагози Људмила и Борис Романови), а под менторство на проф. Људмила Романова.
И како што вели самата Инес, успесите ги постигнува благодарение на нејзината постојаната желба за нови сознанија, огромната трудољубивост и посветеноста кон инструментот. Но пред се, заради огромната заложба и посветеност на нејзината професорка, Нина Костова – Јаневска.