Солскјер: Не можете да добиете осум или десет играчи во еден трансфер прозорец, Клоп имаше четири години да ја изгради својата екипа

од Nikola Popovski

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер верува дека не постои начин голема селекција во јануарскиот преоден рок да ги реши проблемите на тимот. „Црвените ѓаволи“ забележаа два последователни порази и сега се на шест бода зад четвртото место и неверојатни 33 поени од лидерот Ливерпул.

Голем дел од навивачите на тимот го изразуваат своето незадоволство од фактот дека клубот не привлекува нови фудбалери за да се подигне класата на тимот. Сепак, Норвежанецот тврди дека го следи неговиот план постепено да гради тим и дека не можат да бидат привлечени осум, девет или десет играчи.

Солскјер уште еднаш даде пример за неговиот колега од Ливерпул, Јирген Клоп, кој имаше време и мир да ја изгради својата победничка машина четири сезони.

– Ние имаме свој начин на работа. Се разбира, можете да видите како другите тимови одлично се снаоѓаат. Јирген помина четири години во градењето на својот состав и тие добро напредуваат сега. Сум кажал и претходно, не можете да добиете осум или десет играчи во еден трансфер прозорец. Имавме прилично добар летен прозорец, но овој во јануари е многу потежок, но сè уште се обидуваме да направиме нешто во моментов. Кога започнувате нешто, се придржувате до вашиот план. Истото важи и за мене. Не можете да го промените после шест, осум, девет или десет месеци работа и да почнете да верувате дека треба да ги правите работите на друг начин. Јас ќе го следам она за што ми даде доверба мојот клуб и се надевам дека ќе биде доволно добро и раководството ќе види дека правиме вистинска работа. Сите мои разговори со клубот во моментот се многу позитивни, рече Солскјер.

Норвежанецот откри дека ќе направи некои измени на натпреварот во недела од четвртото коло во ФА Купот со Транмере. Виктор Линделоф во вторникот ја пропушти средбата со Барнли поради болест, но тој сега е здрав и достапен. Ерик Баји, кој беше резерва во последните два натпревари по долго отсуство поради повреда, најверојатно ќе игра против Транмере.

Слични содржини