Оле Гунар Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед, е во незавидна позиција по вториот последователен пораз во последната недела.
Јунајтед беше поразен на гостувањето кај Башакшехир во Лигата на шампионите со 2:1, а посебна приказна е како ги примија тие голови, особено првиот.
Норвежанецот денови наназад е тема во островските медиуми, а се споменува и негов отказ и можноста поранешниот менаџер на Тотенхем, Маурисио Почетино да застане на чело.
Солскјер беше видно лошо расположен по мечот во Истанбул.
„Не беше добра игра против тим кој работеше напорно и нè фати како спиеме неколку пати. Тие постигнаа два гола, карактеристични за Европа кога не се браниш добро. На првиот, изведовме скратен корнер и заборавивме да оставиме човек зад себе. Тоа не се простува. При вториот, исто така, не се организиравме добро по нивниот контра-напад. Тоа се два ефтини гола, а во второто полувреме не успеавме да најдеме начин да изедначиме“, изјави Солскјер.
Тој е свесен дека нема уште многу кредити.
„Не е лесно да се биде позитивен после ова, кога ќе изгубите на овој начин. Сепак, овие играчи се добри и имаме шанса да се вратиме на вистинскиот пат со Евертон во сабота “, изјави менаџерот на Јунајтед.