Оле Гунар Солскјер, менаџерот на Манчестер Јунајтед е незадоволен и покрај победата на неговиот тим на тешкото гостување кај Евертон, на „Гудисон“.
Јунајтед славеше победа од 3:1 (1:1), а тоа беше рекорден, седми натпревар по ред во Премиер лигата, кој „црвените ѓаволи“ го завршија со победа на гости, но Норвежанецот не можеше да молчи.
Со денови се зборуваше за можна негова смена, за тоа како поразот од Евертон може да значи отказ на Солскјер, но се чини дека тоа нема да се случи.
Не го повредија приказните за отказот, туку распоредот на натпреварите во оваа рунда.
Јунајтед во средата беше гостина на Башакшехир во Истанбул на мечот од Лигата на шампионите, тие се вратија во Англија во четвртокот наутро и им се падна да играат во првиот саботен термин од 12.30 часот по локално време (13.30 по наше).
Од друга страна, Ливерпул и Манчестер Сити играа во вторникот и добија неделно време од 16.30 часот по локално време.
„Се вративме од Турција во четвртокот наутро, и тие побараа да играме во сабота во 12.30 часот. Тие нè темпираа да изгубиме. Како очекувате да играте добро ако го добиете тој рок од 12.30 часот, два дена по натпреварот? Тоа е глупост!“, рече Солскјер.
Посочи дека управата на клубот направила се за Премиер лигата да им излезе во пресрет.
„Секако дека се обидовме да го поместиме терминот. Која смисла е да се игра во сабота, кога можевме во недела, затоа што потоа има пауза поради репрезентативните натпревари? Натерав луѓето од клубот да се борат да ни дадат барем нијанса повеќе изгледи. Сепак, тие го одбија сето тоа, велејќи ни, „нема шанси, сè е веќе утврдено“. Веќе има сериозни повреди во Премиер лигата како резултат на физички и ментален замор. Ние сакаме оваа лига да биде најдобра во светот. Не сакаме повреди на играчи. Ова се тешки моменти за секого, не само за фудбалот, мора да се грижиме за секого. Користете здрав разум, средете го распоредот. Сериозен проблем е што не се грижиме за нашите играчи. Тие не се роботи, туку човечки суштества“, бесен беше менаџерот на Јунајтед.