Солскјер одржал кризен состанок со Роналдо и уште петмина лидери на Јунајтед

од Vladimir Zorba
284 прегледи

Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Оле Гунар Солскјер вчера иницирал состанок со шестмина од челниците на тимот во обид да ја спаси сезоната на „црвените ѓаволи“ и неговата работа.

Според „Дејли Мејл“, присутни биле Кристијано Роналдо, Бруно Фернандеш, капитенот Хари Мегваер, Лук Шо, Виктор Линделоф и Немања Матиќ.

Солскјер сакал да ги слушне мислењата на играчите за тоа како тимот може да ги подобри своите перформанси и резултати. Се разговарало и за тактичкиот план и задачите на соодветните изведувачи, откако 48-годишниот Норвежанец го променил планот за игра по тешкиот пораз од Ливерпул и решил да се обложи на формација со тројца централни дефанзивци.

Неделата е исклучително важна за Солскјер и тимот. Во следните денови ќе играат со Ватфорд, Виљареал и Челси. Според „Дејли мејл“, поразот во еден од првите два меча целосно ќе ја влоши позицијата на Солскјер.

Уште вчера, „Манчестер Ивнинг Њуз“ откри дека бордот на Јунајтед веќе донел одлука дека е неопходно да се направи промена на менаџерската позиција.
Разрешувањето на Солскјер во моментов се одложува додека не се утврди и реши неговиот наследник. Сепак, евентуалните негативни резултати од оваа недела би можеле да го прекинат престојот на Норвежанецот на „Олд Трафорд“, дури и ако раководството не е подготвено со негов заменик.

Слични содржини