Фудбалерите на Болоња направија историски успех – го освоија Купот на Италија, победувајќи го Милан во финалето со 1:0 на стадионот „Олимпико“ во Рим. Овој триумф не беше само спортски успех. Тоа беше емотивна победа, исполнета со солзи и спомени. Еден од клучните играчи на Болоња, напаѓачот Рикардо Орсолини, кој ја одигра својата најдобра сезона со 15 голови и 4 асистенции, не можеше да ги задржи емоциите.
Во моментите на најголема радост, тој се сети на човекот кој му ја отвори вратата во Болоња – покојниот Синиша Михајловиќ. „Сè уште не можам да сфатам што направивме. Оваа победа ја посакувавме со сето срце и душа! За нас, за навивачите кои толку многу чекаа и страдаа. Погледнете колку луѓе дојдоа во Рим, колку емоции носи оваа титула…“, рече Орсолини, со солзи во очите.
„Ова е победа за сите што веруваа, за сите што чекаа, за тие што поминаа, што останаа – и за тие што, за жал, веќе не се меѓу нас. Пред сè мислам на Синиша Михајловиќ. Оваа чаша е за него“, додаде тој. Синиша Михајловиќ беше човекот кој го донесе Орсолини во клубот пред шест години. Му даде доверба, слобода и поддршка – нешто што Италијанецот никогаш нема да го заборави.
Иако се бореше со тешка болест, Михајловиќ не ги напушти своите играчи. Доаѓаше на тренинзи, ги мотивираше, го создаде темелот на денешниот шампионски тим. Трагата што ја остави во Болоња, но и во италијанскиот и српскиот фудбал, е неизбришлива. Синиша Михајловиќ не е повеќе со нас, но неговиот дух, посветеност и страст кон фудбалот живеат преку овој тим. Оваа титула е доказ дека неговото дело продолжува, а неговата приказна никогаш нема да згасне.
Тој сигурно гледа одозгора – и е горд.