Најновата студија на Британскиот центар за истражување на ракот во Велика Британија (CRUK) предупреди дека се очекува бројот на случаи на меланом во земјата да се зголеми оваа година, при што тој почесто ќе се јавува во пределот на градниот кош кај мажите, додека кај жените е почест на долните екстремитети, објавија денес британските медиуми.
Според анализата на Центарот, четири од 10 случаи на рак на кожа кај мажите се јавуваат на торзото, грбот и стомакот, што е 3.700 случаи годишно, пишува лондонски Гардијан.
Кога станува збор за жени, во 3.200 случаи на меланом, тој се наоѓа на долните екстремитети, од колковите до стапалата.
Овие разлики се припишуваат на тоа што мажите се почесто се надвор на сонце без маица, додека жените се почесто носат шорцеви или здолништа кога времето се затоплува.
Студијата покажа дека 87 проценти од случаите на рак на кожа во Велика Британија се предизвикани од прекумерна изложеност на УВ зрачење, што значи дека 17.100 луѓе се погодени од него секоја година.
Како што покажуваат податоците, минатата година е забележано рекордно зголемување на случаите на меланом, кое изнесува 57 проценти кај лицата над 80 години, додека кај популацијата на возраст од 25 до 49 години, процентот изнесувал седум проценти.
Центарот „CRUK“ предупреди дека се очекува бројот на случаи на рак на кожа да се зголеми и оваа година.
Експертите истакнуваат дека превенцијата е клучна, како и раната дијагноза на болеста.
Директорката на Центарот, Мишел Мичел, изјави дека е важно да не се игнорираат промените на кожата, појавата на нови бенки или промените во нивната големина и боја и дека во такви случаи треба да се консултира лекар.