СОНК за „Локално“: Има закани кон вработени во градинките пред престојниот штрајк

од Маја Анчевска

Вработените во образовниот систем се подговотвени да штрајкуваат и да не држат настава во училиштата, велат од СОНК за „Локално“,  додавајќи дека ќе бидат истрајни до крај и дека за нив е прифатливо 18% зголемување на платите.

Од СОНК се категорични дека вработените не очекуваат поддршка од директорите.

– Очекуваме поддршка од меѓународните синдикални организации и блиските соседни синдикати, од јавноста, од невладините организации, како и од домашните синдикати, посочуваат од СОНК.

Оттаму информираат дека нема најава за нов разговор со надлежните и дека во дел од образовните институции вработените добивале закани.

-Во градинките да, во училиштата не, велат од СОНК , додавајќи дека доколку има притисоци по партиска основа можно е откажување на дел од членството.

Се поизвесно е дека на штрајкот на 11 април, најавен од СОНК меѓу другите вработени во образованието, ќе се приклучат и воспитувачките и негователките од градинките.

Родителите веќе размислуваат како да ги згрижат децата, доколку започнат со штрајк вработените во градинка.

-Се согласувам дека заслужуваат, но тогаш потребни се и повисоки критериуми и образование за некој да ја работи оваа работа. Во нормални држави е така. Не може да биде на партиска основа и да се вработува полуписмена багра. За жал доста и такви ги има. Секоја чест на исклучоци! Не секој смее да работи со деца, вели Горан Младеновски за „Локално“, татко на две деца од кои едното оди во градинка.

Ани Ѓоргиевска вели дека доколку воспитувачите згрижуваат деца тогаш не би бил штрајк.

– Штрајк се организира токму затоа, да се притисне народот и да се притисне власта. Штрајкот е уставно загарантирано право,, вели таа.

Стигнува и голема поддршка од страна на родителите кои велат дека нема да ги носат своите деца во градинка и дека ги поддрѓуваат целосно вработените.

– Јас како родител моето дете нема да го носам во градинка. Имаат целосна поддршка. Среќен воспитувач, среќно дете, вели Виолета Савиќ , мајка на дете од три години кое оди во градинка.

Без договор завршија преговорите помеѓу СОНК и Владата за усогласување на платите во образование по колективен договор со минималната плата на национално ниво, како што бараат од СОНК наставничка плата да изнесува 45.000 денари. Унаку како што не информираа од СОНК последен пат платата била покачена во јануари 2020 година за 10%.

Повисоки плати во образованието ДА, но не сега. Во оваа најкризна година, ако се зголемат платите во овој сектор, државата ќе се доведе во ситуација да не може да ги сервисира обврските. Ова е ставот на премиерот Ковачевски за емисијата 360 околу најавениот штрајк на СОНК, преку кој бараат зголемување на платите за 18,5%. Премиерот вели дека се бара методологија која ќе обозможи пораст на платите, но во иднина и без политички влијанија. Сегашното зголемување, само ќе ја подргее инфлацијата .

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, пак, порача дека дијалогот продолжува и оти ќе се обидат до 11 април да најдат решение.

„Разговаравме за решение кое ќе значи трајно решавање на проблемот со системот на плати. Легитимно право е на секој да протестира, меѓутоа во делот на детската заштита децата треба да бидат згрижени. И по Устав и по Закон не смее да биде прекинат процесот за згрижување на деца,“ изјави Тренчевска.

Доколку воспитувачите одбијат да ги примат децата во градинка, како што кажа, Законот за детска заштита предвидува казни.

„Треба да си обезбедат замена на сите оние коишто ќе штрајкуваат,“ појасни Тренчевска.

Б.М./М.А.

Слични содржини