Пред денешното судско рочиште за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, сопартијци на првоосомничениот Љупчо Палевски-Палчо, како и симпатизери на партијата, стоеле со транспаренти и звучник пред Кривичниот суд. Тие преку говор бараат правда и велат дека оваа истрага за судскиот случај била водена на незаконски начин. Сметаат дека Обвинителството го монтира целиот случај и обвинија дека седиштето на Десна била запечатено.
„Нормализација на неправдата“, „ОЈО произведува монструми, не политичката партија Десна“, порачаа од Десна, алудирајќи на наводна неправда во постапката.
Обвинителството треба да ја соопшти одлуката дали ќе бидат изземени обвинителите во овој случај. Ова на претходното рочиште го побара Палевски, бидејќи според него тие прикривале клучни докази.
Обвинителството ќе истражува како во рацете на Палевски завршиле списите од изјавите на обвинетите. Судењето треба да продолжи со презентирање на докази од видеокамери.
Лани во ноември на едно од рочиштата сведочеа и членови и симпатизери на партијата. Сведокот Христијан Плотников, член и основач на партијата „Десна“, тогаш изјави дека го познава Палевски од 2017 година и дека комуницирале речиси секојдневно. Тој додаде и дека се познавал и со другите обвинети. Плотников зборуваше и за користењето на возилото, како и радиостаниците кои биле дел од опремата што ја имала партијата, а во просториите на штабот, како што дополни, немало пиштол, иако Палчо поседувал пиштол.
Сведокот Кирил Тренчевски, симпатизер на политичката партија „Десна“, тогаш зборуваше за неговиот ангажман во партијата при што посочи дека при селењето во стариот штаб во Кисела Вода забележал две токи-воки станици. Прашан дали знаел кој го возел возилото „рено кангу“, одговори негативно, а на вкрстени прашања од обвинетиот Палчо тој одговори дека при вршење на претресот полицајците не споменале што бараат и не го спомнале името на Палевски.
Претходно сведочеше и Ѓорѓи Џолев, претседател на Централниот комитет на политичката партија „Десна“, кој притоа спомна и дека видел пиштол во штабот, во собата во која спиел Палчо.
-Да, видов пиштол во штабот кај Шампионче. Стоеше на маса, кај што спиеше Палевски, видов пиштол во футрола. Не знам чиј беше, но претпоставувам дека беше на Палевски – рече сведокот.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември 2023 година.
На првото одржано рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.