Сопругата на мексиканскиот нарко-крал, Ел Чапо Гузман – Ема Коронел, призна денес дека му помогнала на нејзиниот сопруг да управува со криминалната империја, вредна неколку милијарди долари.
Ема Коронел се појави денес пред федерален судија во Вашингтон и се изјасни за виновна за три федерални злосторства, во рамките на договорот за спогодба со федералните обвинители.
Обвиненијата вклучуваат намерен заговор што довело до дистрибуција на кокаин, хероин, марихуана и метамфетамин во текот на неколку години. Таа исто така се изјасни за виновна за перење пари, но и за учество во трансакции со странски дилери на дрога.
Таа беше уапсена во февруари на меѓународниот аеродром во Вирџинија и оттогаш е во затвор.
Според обвинителот, таа „тесно соработувала со командната и контролната структура“ на картелот Синалоа и свесно учествувала во дистрибуција на голема количина кокаин, за која знаела дека ќе биде шверцувана во САД.
Хоакин Гузман, познат како Ел Чапо, го водеше картелот одговорен за шверц на кокаин и други наркотици во Америка за време на неговите 25 години на власт. Неговите следбеници имале директни наредби да киднапираат, мачат и убиваат кого било на патот.