Корина Шумахер (52) за првпат ја отвори душата по фаталната несреќа што ја претрпе нејзиниот сопруг Михаел Шумахер (52). Легендата на Формула 1 доживеа трагична несреќа на скијање во француско одморалиште во декември 2013 година, по што тој беше во медицински предизвикана кома речиси шест месеци.
Од 2014 година кога беше префрлен во семејниот дом поради рехабилитација. Семејството Шумахер се повлече од очите на јавноста за да ја заштити приватноста на шампионот, а сега неговата сопруга конечно проговори за несреќата и нејзиниот сопруг во документарецот на „Нетфликс“, едноставно насловен „SCHUMACHER“.
– Ми недостасува секој ден. Тој се промени, но тој е присутен. Тој се уште ми покажува секој ден колку е силен – вели Корина.
-Секоја негова трка завршуваше среќно, тој немаше ниту модринки и секогаш знаев дека Михаел го чуваат ангели чувари. Можеби бев наивна, создадов еден вид одбранбен ѕид и секогаш мислев дека никогаш ништо нема да му се случи – додаде Корина.
-Никогаш не го обвинував Бог за она што се случи, тоа беше навистина лоша среќа, истото може да се случи со секого, истакнува таа.
Сопругата на Шумахер, исто така, се осврна на семејството и призна дека од трагичната несреќа пред осум години, целото семејство оди на терапија.
-Се држиме заедно, семејството секогаш ни беше најважно, се трудиме да бидеме среќни онака како што Михаел се сеќава на нас. Живееме заедно во семејниот дом, одиме на терапии и правиме сe што можеме за да го направиме подобар и да се осигураме дека не му недостасува ништо. Продолживме со нашите животи, тој секогаш велеше дека приватноста е важна и за мене е многу важно нашите животи да останат приватни, без медиумско изложување. Михаел секогаш не штитеше, а сега ние треба да го заштитиме“.
Шумахер е еден од најголемите спортисти на сите времиња, човек кој освои се што може да се освои, а во јули оваа година беше објавено дека стриминг платформата „Нетфликс“ ги откупи правата за објавување документарен филм за поранешниот Формула 1 возач.
Во документарецот, гледачите ќе имаат можност да видат интервјуа со семејството, неговата сопруга Корина, таткото Роф и братот Ралф. Исто така во документарецот ќе бидат неговите две деца, Џина и Мик, и бројни имиња од светот на Формула 1 како Жан Тод, Берни Еклстон, Себастијан Фетел, Мика Хакинен, Дејмон Хил, Флавио Бријаторе и Дејвид Култхард.
Покрај информациите што ги сподели семејството, снимателите успеаја да соберат материјали и досега необјавени информации за неговиот живот, а документарниот филм ќе почне да се прикажува на 15-ти септември.
Меѓу другото, документарниот филм ќе прикаже снимки од шокантната несреќа на Шумахер на француските Алпи како и коментарот на неговата сопруга Корина дека „снегот не е вистински, можеби подобро е да одлетале за Дубаи“.
Ова е првпат Корина да се огласи по трагичната несреќа, и ова е прва вест од мај кога поранешниот шеф на Ферари, Жnан Тод зборуваше за неговата состојба.
– Никогаш нема да го оставиме. Јас, Корина, неговото семејство, секогаш ќе бидам со него. Поминав многу време со Корина од несреќата, таа е одлична жена, го одржува семејството заедно. Се што им се случи беше неочекувано, но таа покажа храброст – рече Тод и додаде: „Благодарение на лекарите и Корина кои вложија многу напор, Михаел преживеа, но последиците останаа“.