Сопругата на Тарајковски: Тој беше убиен од полицијата (ФОТО/ВИДЕО)

од Vladimir Zorba
263 прегледи

Сопругата на убиениот белоруски демонстрант изјави денес дека не верува во официјалниот извештај дека Александар Тарајковски бил убиен кога му експлодирала бомба во раката, која имал намера да ја фрли во полицијата, откако тврди дека тој бил убиен од полицијата. Елена Херман го изјавила тоа откако ја посетила мртовечницата и го видела телото на нејзиниот сопруг.

Херман изјави за „Асошиејтед Прес“ денес, неколку часа пред погребот на нејзиниот 34-годишен партнер, дека е сигурна дека полицијата го убила.

Тарајковски беше убиен во понеделникот во протестите во центарот на Минск кои избувнаа поради несогласувањата со официјалните резултати на претседателските избори, според кои авторитарниот претседател Александар Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, го освои шестиот мандат.

Како што беше официјално соопштено, Тарајковски почина кога експлодирала бомба во неговите раце, која имал намера да ја фрли во полицијата.

Сепак, Елена Херман, сопруга на Тарајковски, не верува во официјалната верзија на причината за смртта.

На Херман и било дозволено да ја посети мртовечницата во петокот и да го види телото на нејзиниот сопруг, кој починал четири дена порано.

Таа рече дека не верува дека тој држел експлозив во рака.

„Сошиен е во пределот на градите, но има и црна модринка која е мала, но ја забележавме. Неговите раце и нозе се целосно недопрени, тој дури и нема модринки“, рече таа.

„Очигледно станува збор за истрел во градите“, рече таа.

Белоруското Министерство за внатрешни работи одби да ја коментира понатаму ситуацијата, по првичното тврдење дека еден демонстрант починал од рачна граната.

Херман рече дека ќе бара целосна истрага, ја повика белоруската организација за човекови права да и помогне, и рече дека сака меѓународни експерти да учествуваат во истрагата.

„Се чувствувам бесно и луто. Затоа сакам правда“, рече таа.

„Всушност, јас сум многу исплашена. Останав без поддршка “, додаде таа.

Таа рече дека нејзиниот сопруг работел напорно во поправка на автомобили и дека ниту тој, ниту таа, ниту неговите колеги не биле заинтересирани за политика до последните претседателски избори.

Александар Тарајковски беше погребан денес во Минск во присуство на неколку илјади приврзаници на опозицијата.

Фото: Асошиејтед Прес

Слични содржини