Сопругите на руските мажи, мобилизирани за борбите во Украина, денеска симболично положиле цвеќе на пламенот на Непознатиот херој кај ѕидините на Кремљ, во знак на протест, барајќи враќање на нивните сопрузи од фронтот.
Незадоволството расте со месеци меѓу блиските до резервистите мобилизирани по наредба на рускиот претседател Владимир Путин во септември 2022 година, чувствително прашање за властите, кои досега внимаваа да не го разгорат новороденото бунтовничко движење.
Денеска и покрај студот, околу 15 жени положиле црвени цвеќиња на пламенот на Непознатиот херој кој се наоѓа во центарот на Москва.
„Сакаме да го свртиме вниманието на властите и јавноста на нашиот апел. Се обидовме на неколку начини. Упативме писмен апел до пратениците, функционерите, управите, но не бевме слушнати“, изјавила една од жените за „Франс прес“.
Нејзиниот сопруг бил мобилизиран во ноември 2022 година.
„Тоа не е фер. Тие се цивили, а не војници. Нашите луѓе не можат да останат таму толку долго“, рекла таа.
Друга жена ги повикала властите да „преговараат за мир во Украина“ по речиси две години конфликт.
Полицијата не интервенирашла за време на собирот на жените, иако во Русија е вообичаено жестоко да се задушуваат протестите. Тоа е знак дека прашањето е деликатно за Кремљ.
Руските државни медиуми главно го игнорирале активизмот на жените, додека Кремљ сака да проектира слика на единство околу Путин, пред неговиот неизбежен реизбор на претседателските избори во март 2024 година.
Според зборовите на Путин, во моментов во Украина се борат 244.000 мобилизирани војници, од вкупно 617.000 војници.