Сопругот на Јанкулоска: Во судскиот предмет „Тенк“ се отсликуваат сите проблеми и целата трулост на македонското „пупка“ судство

Илиевски очекува целосна „рехабилитација“ на Јанкулоска

од Nikola Popovski
5 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб

Откако денеска, екс министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска соопшти дека Европскиот суд за човекови права објавил дека отвара, како што наведува таа, сериозни прашања во однос на документираните повреди на правото на правично судење во предметот против неа, за набавката на блиндирано возило за потребите на државата, се огласи и нејзиниот сопруг, адвокатот Влатко Илиевски.

Тој ја подготви нејзината апликација до ЕСЧП.

„Судскиот предмет ‘Тенк’ е case study во којшто се отсликуваат сите проблеми и целата трулост на македонското ‘пупка’ судство – срамно користење на прислушкувани разговори како докази, повреда на правото на одбрана (експресно судење, нееднаквост на оружјата и неконтрадикторност на постапката), отсуство на независност и непристрасност на судиите, повреда на пресумпција на невиност, немање пристап до суд па дури и отсуство на суд (трибунал) основан со закон. Конечно, припадниците на злосторничкото здружение ќе треба да положат сметка и да дадат одговори за своите бестијалности, што верувам е прв чекор до конечната цел – целосна рехабилитација на Гордана Јанкулоска и одговорност (професионална и кривична) за злотворите од ‘пупка’ судството и рекетарското СЈО3“, порача Илиевски.

Веста ја соопшти лично Јанкулоска, која вели дека ова за неа e и мала сатисфакција, откако пред пет години ја поднела апликацијата пред судот.

„Јас издржав неправедна драконска казна и штетата која ја претрпев на приватен и професионален план не може да се надомести. Сепак, сознанието дека од страна на ЕСЧП овие повреди се препознаени, за мене е една мала лична сатисфакција. Можеби конечно оние со 2 проценти доверба ќе ја примат пораката дека не смеат да слугуваат на ничии интереси и агенди, затоа што граѓаните ги плаќаат да ги штитат, а не да ги кршат нивните права“, објави Јанкулоска.

Судот, меѓу другото, пријавил интерес за користењето на прислушуваните разговори како доказ, а кои одбраната на Јанкулоска немала можност да ги оспори, ниту имала пристап до целата документација што ја нарушило рамноправноста на странките во постапката.

Премиерот Мицкоски рече дека како влада се принудени да се срамат и да црвенеат пред Стразбур, поради, како што вели, малкумината судии и обвинители кои ги контаминирале македонското судство и обвинителство.