Сопругот на судијката која му изрече воспитна мерка на Јованов работел неколку години во иста фирма со мајката на возачот, но не биле пријатели

од Nikola Popovski
1,5K прегледи

Судскиот совет денеска усвои Извештај од спроведената работна посета на Основниот кривичен суд Скопје и Апелацискиот суд Скопје, при што утврди дека не бил прекршен законот при санкционирањето на Васил Јованов во случајот во кој му се судело за дрога. Јованов е обвинет и за прегазувањето на Фросина Кулакова на бул.Партизански одреди“ во Скопје.

Како што беше соопштено на седницата, членовите на работната група на 7 февруари ги посетиле Кривичниот  и Апелацискиот суд во Скопје при што извршиле увид во предметите и разговор со судијата Даниела Алексовска Стојановска и судијата известител Тања Милева од Апелацискиот суд Скопје.

– Во просториите на Основиот кривичен суд Скопје е извршен разговор со судијата Даниела Алексовска Стојановска и на прашањата кои беа актуелни во јавноста ни даде одговор дека нејзиниот сопруг работел во иста фирма „Искрател“ со мајката на обвинетиот од 2003 до 2008, во океански систем со 70 вработени, се познавале, но не биле пријатели, ниту куќни пријатели, ниту пак таа лично ја познавала мајката на обвинетиот. Во однос на издадениот деловен објект на партијата СДСМ во Ранковце појасни дека бил издаден од страна на нејзиниот татко многу одамна, а кој би починат од 2018 година, досега немале ништо променето во однос на тој договор за закуп, а моментално куќата се водела по една третина на судијата, нејзината мајка и сестра, информираше претседателката на Комисијата Данка Ристова.

Комисијата, како што појасни, констатирала дека судијата Алексовска-Стојановска ја донела одлуката за изрекување заводска мерка согласно член 70 од Законот за правда на децата во кој е регулирано дека за време на пресудувањето на полнолетно лице кое не наполнило 21 година може да му биде изречена заводска мерка ако со оглед на неговата личност и околностите под  кои е сторено делото може да очекува дека со воспитната мерка ќе се постигне целта што би се остварила со изрекување на казната.

– Од увидот во предметот, Комисијата утврди дека почитувајќи го  принципот на презумпција на невиност во списите на предметот  за обвинетиот постои дека  обвинетиот е неосудуван, односно нема податоци за негова  осудуваност од казнентата евиденција, не се доставени податоци од ОЈО Скопје дека против него се водат кривични постапки, ниту пак, ОЈО Скопје достави  решение дека во согласност  со оштетениот,  го одложил кривичното гонење за сообраќајна незгода која ја сторил обвинетиот односно за кривично дело за кое е пропишана казна затвор до три години ако осомичениот  е подготвен да  се однесува според упатствата на јавниот обвинител, што е предвидено како можност согласно член 43, став 1, од ЗКП, а како  факт дека вакво решение постоело беше и во јавните гласила потврдено од овластениот тужител. Податоците што работната група ги утврди од увидот во кривичната пријава од МВР, Единица  за недозволена трговија со дрога и луѓе, дека обвинетиот повеќепати е контролиран  поради поседување  на растителна материја која во моментот на поднесување на пријавата во ОЈО Скопје не била  вештачена, а во еден случај е пронајдена и одземена  од обвинетиот и дигитална сива вага, според одредбите од ЗКП  не се доказ во кривична постапка и овие податоци судијата правилно не ги зела во предвид при пресудувањето. Зошто овие дејствија преземени од Едиицата за недозволена трговија со дрога и оружје не биле процесуирани со завршница е прашање за самите нив и за ОЈО Скопје, рече Ристова.

Апелациониот суд ја преиначи казната за Васил Јованов за поседување и продавање марихуана и кокаин, од воспитна мерка како што претходно пресуди Кривичен, сега тој правосилно е осуден на 3 години и 10 месеци затвор. Во Апелација предметот стасал во ноември и течеше жалбена постапка.

Судијката Даниела Алексовска Стојановска претходно во пресудата напишала дека на Јованов како на помлад полнолетник му дава можност, воочената и направената грешка да ја отстрани без потешки последици за него.

Васил Јованов веќе е во притвор поради сообраќајката во која прегази Фросина Кулакова.

Слични содржини