Сопствениците на швајцарски бар тврдат дека се жртви на „јавна осветољубивост“ по трагичниот пожар

Адвокатите на сопствениците на швајцарскиот бар Le Constellation во кој на Нова година во катастрофален пожар загинаа 40 лица, а 116 беа повредени, ја прекинаа медиумската тишина и јавно реагираа на, како што велат, „лажните наративи“ што кружат во јавноста. Според нив, сопствениците Жесика Морети и Жак Морети се целосно скршени од трагедијата и не биле свесни за каква било опасност во нивниот угостителски објект.

од desk4
11 прегледи Фото: Принтскрин/Х

„Се создаде атмосфера на јавна осветољубивост насочена директно кон нив“, изјави адвокатката Јаел Аја, додавајќи дека по пожарот во локалните медиуми се појавиле бројни приказни за минатото и работењето на брачниот пар, што дополнително го зголемило притисокот врз институциите што ја водат истрагата.

Во интервју за Tribune de Genève, адвокатите нагласиле дека нивните клиенти сакаат единствено да се утврди вистината. Тие остро ги демантираа тврдењата дека Жесика Морети наводно избегала од објектот носејќи пари од касата. „Таа не го напуштила местото во паника, туку останала за да им помогне на повредените“, изјави Аја за француските медиуми.

Според првичните наоди од истрагата, пожарот избувнал кога прскалки прицврстени на шишиња шампањ запалиле звучноизолациска пена поставена на таванот во подрумот на барот, кој се наоѓа во популарното скијачко одморалиште Кран-Монтана. Властите потврдија дека објектот не поминал безбедносни контроли во последните пет години, а поголемиот дел од жртвите биле млади лица, меѓу кои и осуммина малолетни под 16 години.

Адвокатот Патрик Мишо, кој го застапува Жак Морети, изјави дека чувството на морална одговорност по ваква трагедија е природно, но дека тоа не треба автоматски да се поистоветува со кривична одговорност. Тој тврди дека пената на таванот била набавена од голем трговец со градежни материјали, без предупредување дека станува збор за лесно запалив материјал.

Случајот дополнително се усложнува со тврдењата на семејството на загинатата вработена Сијана Панине, чии адвокати наведуваат дека таа не добила никаква безбедносна обука и не била информирана за потенцијалните ризици. Одбраната, пак, ја опишува Панине како блиска пријателка на сопствениците, прикажувајќи пораки и разгледници што, според нив, сведочат за блиски односи и доверба.

Швајцарските власти против брачниот пар Морети подигнаа обвиненија за убиство од небрежност, тешки телесни повреди од небрежност и предизвикување пожар од небрежност. На Жесика Морети ѝ е изречена забрана за патување како алтернатива на истражен притвор, додека нејзиниот сопруг Жак е задржан во притвор на почетен период од 90 дена. Обвинителството смета дека постои ризик од бегство и побарало висока кауција, додека одбраната веќе поднела барање за негово ослободување.