„Сопственикот на фирмата со 51 тендер бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ“, соопштија од СДСМ

„Петар Доновски бил член на Избирачки одбор од ВМРО-ДПМНЕ, на Избирачко место 2680 во Општина Аеродром. По престанување на мандатот на Доновски, ВМРО-ДПМНЕ на негово место назначува друг партиски претставник“, информира Огњеновиќ од СДСМ

од Nikola Popovski
16 прегледи Фото: СДСМ

Антикорупцискиот тим на СДСМ денеска објави нови детали за скандалот со фирмата „Пирамид билдинг солушнс“, која од општините раководени од ВМРО-ДПМНЕ добила 51 тендер во вредност од 16 милиони евра. Петар Огњеновиќ, член на ИО на СДСМ, на прес-конференција го откри идентитетот на сопственикот и неговата директна партиска поврзаност.

„Станува збор за извесен Петар Доновски, кој бил член на Избирачки одбор на предлог на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Аеродром. Само од оваа општина, неговата омилена фирма добила 22 тендери. Дали сега е јасно зошто постои политичко влијание врз доделувањето на државните пари?“, запраша Огњеновиќ.

Од СДСМ потенцираат дека овој случај е класичен конфликт на интереси и побараа итна реакција од Јавното обвинителство, ДКСК и Финансиската полиција. Според партијата, овој скандал е дополнителен доказ зошто Техничката влада мора да остане како контролен механизам за фер избори.

„Ако некој што бил во избирачки одбор именуван од ВМРО-ДПМНЕ добива милионски тендери, може да замислите на што би личеле избори без контролни механизми од опозицијата?

Затоа не сакаат опозицијата да учествува во техничката влада – затоа што не сакаат да бидеме сведоци на криминалот и корупцијата.

Техничката влада мора да остане. Ако ја укинат техничката влада, ќе ја убијат и онаа малку шанса што постои за фер избори. Тоа не смееме да им го дозволиме“, рече Огњеновиќ при што покажа документи со името на лицето кое го поврзува со најголемата владејачка партија.