Сопствениците на галиите не брануваат по изјавата на Шилегов

од desk4
87 прегледи

Менаџерот на галијата пред „Холидеј ин“, Жарко Миленковски се надева дека анализите на Град Скопје ќе покажат дека нема потреба да се рушат бродовите што се наоѓаат подолу од Камениот мост во насока на текот на реката. Во тој дел е стационирана и неговата галија, пишува Призма.

Миленковски е и единствениот претставник од трите галии што ја коментираше последната изјава на скопскиот градоначалник, Петре Шилегов дека ќе се дислоцираат бродовите и ќе се сруши мостот за Панорамското тркало, зафат кој според градот ќе чини околу пет милиони евра.

Новата градска администрација смета дека галиите ја намалуваат проточноста на најголемата македонска река и оти тоа го зголемува ризикот од поплави.

„Најголемиот проблем при подигнувањето на нивото на Вардар е Камениот мост, зашто тој има три лака широки по десетина метри. Подолу од мостот коритото има поголема проточност и буквално секоја количина на вода што ќе помине под лаковите, нема да направи проблем подолу по течението на Вардар“, смета, пак, Миленковски.

Тој вели дека сѐ уште нема добиено официјална информација од градот поврзана со евентуалното, како што вели тој, рушење на галиите, меѓутоа потсетува дека инвеститорот што го застапува ги добил позитивните мислења од сите релевантни институции пред почетокот на инвестицијата.

„Но, ако донесат одлука да нѐ рушат се надеваме дека нема да се користат методи од минатото, туку соодветно ќе нѐ обештетат“, вели Миленковски.

Жарко Миленковски е претставник на фирмата со бугарски капитал „Сервис АД“, којашто ја презема недоизградената галија од сопственикот на фризерскиот салон „Диор“, Давор Андреевски.

Повеќе на Призма на следниот линк.