Kонтроверзна рекламна агенција од Унгарија отвори свои претставништва во Северна Македонија и Србија непосредно пред најавата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека Данела Арсовска, која е и почесен унгарски конзул во земјава, ќе се кандидира за челната позиција во главниот град, објави „Слободен печат“.
Според пишувањата, кон средината на месец август, во Централниот регистар на Северна Македонија е регистрирана нова компанија за огласување преку медиуми, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“. Новоснованата фирма е во сопственост на рекламната агенција „Атмедиа“ од Унгарија која е добро позната на тамошниот медиумски пазар, бидејќи зад неа индиректно стојат поранешни советници и блиски пријатели на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Во документите од Централниот регистар во Македонија, „Атмедиа адвертајзинг сејлс хаус ДООЕЛ“ сѐ уште е регистрирана на адресата на „Адвокатското друштво Поленак“. Новоотворената веб-страна за македонскиот пазар не е активна.