Соработници на Трамп повикани да сведочат во истрагата за упадот во Капитол

од Vladimir Zorba
184 прегледи

Комитетот на Претставничкиот дом на Американскиот конгрес, кој го истражува упадот во Капитол на 6 јануари, повика четворица поранешни членови на администрацијата на Доналд Трамп, вклучувајќи ги и Марк Медоус и Стив Бенон, да сведочат, рече во четвртокот претседателот на тој комитет, Бени Томсон.

Повикани се и поранешниот заменик -шеф на кабинетот на Белата куќа, Ден Скавино, и поранешниот службеник во Министерството за одбрана, Кеш Пател, на кои им беше наредено да достават материјали и да се појават на сведочењето, рече претседателот на тој комитет, пренесе Ројтерс.

Медоус, поранешен конгресмен, беше шеф на кабинетот на Белата куќа, додека Бенон беше советник на Трамп во Белата куќа.

На Медоус и Скавино им беше наложено да сведочат на 15 октомври, а Бенон и Пател на 14 октомври.

Група поддржувачи на Трамп упаднаа во Капитол на 6 јануари, кој одржа седница тој ден за да ја потврди изборната победа на демократот Џо Бајден.

Нападот врз Капитол го одложи процесот неколку часа откако тогашниот потпретседател Мајк Пенс, членовите на Конгресот, персоналот и новинарите побегнаа од немирите.

Речиси 600 луѓе беа уапсени под обвиненија поврзани со нападот, што, според Ројтерс, било најлошото насилство на седиштето на американската влада, што е забележано по британската инвазија за време на војната од 1812 година.