Сорос: Пораз на Русија во Украина ќе доведе до колапс на „руската империја“

од Nikola Popovski
164 прегледи

Милијардерот Џорџ Сорос во четвртокот изјави дека поразот на Русија во Украина ќе резултира со колапс на, како што вели, „руската империја“, која, според неговото мислење, би била поздравена од поранешните советски републики.

Руската инвазија на Украина предизвика еден од најсмртоносните конфликти на европско тло од Втората светска војна и најголемиот конфликт меѓу Москва и Западот од кубанската ракетна криза во 1962 година, пренесува Ројтерс.

Сорос изјави дека САД ќе ја поддржат Украина, но дека претседателот Џо Бајден го предупредил украинскиот лидер Володимир Зеленски дека има граници и дека мора да се избегне трета светска војна. Сорос не го откри изворот на оваа информација.

Познатиот инвеститор и филантроп оценил дека руската армија има лоша команда и е слабо опремена и деморализирана, но дека претседателот Владимир Путин се свртел кон платеничката група Вагнер за воено да и се спротивстави на Украина и дека тоа дава резултати на краток рок. Тој исто така посочил дека Украина има шанса на пролет кога ќе го добие оружјето што и го вети Западот.

„Земјите од поранешниот Советски Сојуз едвај чекаат Русите да бидат поразени во Украина бидејќи сакаат да ја зацврстат својата независност“, рекол Сорос во текстот на говорот на безбедносната конференција во Минхен, кој се одржал од неговата канцеларија.

„Ова значи дека украинската победа би резултирала со колапс на руската империја. Русија повеќе не би била закана за Европа и светот. Тоа би била голема промена на подобро“, изјавил Сорос.

По распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, беа формирани 15 независни републики, иако Русија сè уште е најмоќна и го има најголемиот нуклеарен арсенал во светот.

Путин ја прикажа војната во Украина како егзистенцијална битка со агресивен и арогантен Запад и предупреди дека Русија ќе ги искористи сите расположливи средства за да се одбрани себеси и своите граѓани од напад. САД ги отфрлаат тврдењата на Кремљ дека сакаат да ја уништат Русија.

Кога станува збор за Кина, Сорос смета дека стратегијата на претседателот Си Џинпинг за нулта толеранција кон Ковид-19 ја разниша довербата во Комунистичката партија.

„Сегашната ситуација ги исполнува сите предуслови за промена на режимот или револуција. Сепак, ова е само почеток на нетранспарентен процес, чии последици уште долго ќе се чувствуваат. На краток рок, Кси најверојатно ќе остане на власт бидејќи цврсто ги контролира сите инструменти на репресија. Сепак, убеден сум дека Кси нема да остане доживотно на функцијата, а додека е претседател, Кина нема да стане доминантна воена и политичка сила, што е неговата цел“, нагласил Сорос.

Тој додал дека Русија и Кина се водечки членки на растечката група „затворени општества“ каде што поединецот е подреден на државата.

Слични содржини