СОС Детско село ги додели годишните признанија за најголемите донатори: згрижени 180 дечиња во 86 згрижувачки семејства

Националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо, нагласи дека во годината што измина, им помогнале на повеќе од 700 деца, млади, родители и згрижувачи и обезбедиле 27 нови згрижувачки семејства.

од Бети Божиноска
196 прегледи

СОС Детско село – Македонија згрижува 180 дечиња и имаме 86 згрижувачки семејства, изјави денеска претседателот на Управниот одбор, Александар Трајковски, на годишниот настан за доделување признание на најголемите донатори и поддржувачи за 2023 година.

Покровител на настанот е Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот на државава, Стево Пендаровски, која истакна дека листата на сите стопански субјекти, институции, индивидуи, коишто долгорочно ги препознаваат активностите на СОС Детско село и несебично ја нудат својата поддршка е импресивна.

„Резултатите коишто СОС Детско село ги постигнува при грижата за децата во ризик и нивната поддршка, преку семеен модел за алтернативна грижа за деца, како и преку реализирање програми за социјална превенција, несомнено се темелат и на сесрдната поддршка на пријателите и поддржувачите,“ истакна Ѓоргиевска додавајќи дека „сите сме дел од едно семејство во коешто се грижиме за сите членови подеднакво, солидарни и хумани, грижливи и благородни. Посакувам ова семејство да се шири и да расте“.

Осврнувајќи се на постигнатите резултати во 2023 година и на новите проекти и иницијативи годинава, националната директорка на СОС Детско село, Јулијана Гапо нагласи дека во годината што измина, им помогнале на повеќе од 700 деца, млади, родители и згрижувачи и обезбедиле 27 нови згрижувачки семејства.

„Триста осумдесет и шест деца и нивните родители го продолжија заедничкиот живот со зајакнати вештини за родителство и подобрени услови за грижа на децата. Осумдесет и шест згрижувачки семејства секојдневно ги поддржуваме за да можат да ја дадат најдобрата верзија од себе како родители згрижувачи. Двесте дваесет и три деца и млади без родителска грижа, растат во топол дом и грижливо семејство исполнети со љубов и сигурност. Седумдесет и четири млади во социјален ризик завршија обуки за животни вештини, вработливост и кариерно советување. Дел се стекнаа и со прво работно искуство преку практиканска работа или се вработија и започнаа самостојно да придонесуваат во општеството“, рече Гапо.

Таа додаде дека со оглед на зголемениот  број на барања за прием и на деца со попреченост, тие подготвиле и програма за специјализирано згрижување.

„Обезбедивме обуки за згрижувачи и професионалци од центрите за социјална работа и лобиравме за системски принцип во работата со деца и млади кои претрпеле големи трауми, бидејќи во последниве години навистина имаме големи показатели за тоа дека голем дел од децата имаат трауматични искуства во нивното минато и за да можат да продолжат да живеат како здрави индивидуи, треба голема професионална поддршка и влог од сите засегнати страни,“ посочи таа.

Заменичката на амбасадорот на Австрија во државава, Барбара Грубер потсети дека СОС Детско село е формирано во 1949 од младиот австриски медицински студент – Херман Гмајнер.

„Денес СОС поддржува деца и млади луѓе без родителска грижа или со ризик дека ќе ја загубат, во 138 земји. Од 2002 е и во Република Северна Македонија,“ додаде Грубер

Слични содржини