Сотировски со осуда: Дали оној кој го оштети храмот во Тетово денес е посреќен од вчера?

од Nikola Popovski
470 прегледи

Директорот на Комисијата за односи меѓу верски заедници, Даријан Сотировски го осуди повторното вандализирање на манастирот св. Атанасиј на тетовското Кале.

-Еднаш, два пати, три пати. Колку пати треба да се повтори и колку осудувањето навистина вреди. Дали оној кој го оштети храмот, денес е посреќен од вчера, праша Сотировски преку објава на социјалните мрежи.

Според него, суштината на проблемот е во неказнивоста и во допуштањето одреден неприфатлив однос, тенденција или наратив да тлее долго време. За Сотировски, одговорност има целото општество и сите институции кои таквиот квази-националистички пубертет погласно и поенергично не го потиснуваат и сечат во корен.

Тетовско-гостиварската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија соопшти дека непознати лица направиле упад на манастирскиот имот „Св. Атанасиј“ на Тетовското кале, при што во црквата биле искршени сите прозорци, со што е направена сериозна материјална штета.

-Ова е време на големиот пост кога христијаните се подготвуваат за Христовото Воскреснување, а нашите сограѓани муслимани се во рамазански пости, па оттаму сметаме дека ова би требало да е време за преиспитување, созревање и будење на човечност, соопшти Тетовско-гостиварската епархија. Овој упад следува откако пред нешто повеќе од една недела непознати сторители поставиле знаме на Албанија на куполата на црквата и знаме на УЧК на бандера на влезот на Калето.

Засега со осуда од партиите излегоа само од Левица, барајќи итни мерки од страна на МПЦ, МВР и Комисија за верски односи оти, како што велат, ваков соживот не е возможен.

-Со вакви качачко-бандитски арамиски гестови, Европа ќе остане само мисловна именка за власта и коалицијата, која ги ублажува ваквите скандали. Касами да реагира на овој акт, бидејќи неговата омраза кон сè македонско резултира со вакво одвратно пештерско дивјаштво во 21, година 2024. Досега, ниеден Македонец не крена рака на џамија или сличен верски објект, соопштија меѓу другото од партијата на Димитар Апасиев.

Слични содржини