Социјалните мрежи вријат: „Струга да се стави во карантин за да се спречи ,,извозот“ на коронавирусот“

од Берта Китинска
512 прегледи

По вчерашниот организиран собир во храмот Св. Георгиј во Струга, следеа реакции за непридржување на верниците до мерите за заштита од вирусот Ковид-19.


Бура од коментари и разни предлози упати голем дел од јавноста по објавувањето на фотографиите од собирот.Голем дел од нив предлага Струга да се стави во карантин, се бара одговорност од организаторите, црквата и од полицијата.

„Да ги затворат границите за влез и излез од Струга… додека некој се бори да ја сузбие коронава некој очигледно прави контра тоа“…. Да се чудиш што народ сме?!?!?Коментар до коментар сите паметни!?!?!..Секој се си знае!?!?!Лудилоооо!!!!“.. „ВЕРБАТА ВО ГОСПОД Е ЛЕКОТ ЗА СИТЕ БОЛЕСТИ“… „А, од лажичето за причесна колку ново заразени има ?? Бог е еден и единствен семоќен нема ништо посилно од Господ на овој свет“ …..„Голем грев е да се затворат Божјите храмови без разлика на која религија припаѓаат а сето тоа е дело на неверници или служители на нечестивиот“….. „Порад собиров ќе седиме уште една година дома затворени“…. „Струга , Вухан за сиромашни“… се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче бараат истрага за собирот на верниците што се одржа вчера во Струга, со што се прекршени мерките за заштита од ширењето на ковид-19. На собирот присуствуваа стотици верници, голем дел од нив без маски, без држење растојание и спротивно на мерката да нема групирање на повеќе од пет лица.

Филипче во објава на Фејсбук изрази разочарување од собирот и побара да се спроведе истрага како се дозволило да се случи, повторно апелирајќи до граѓаните да се воздржат од собири и да се почитуваат мерките со цел да се задржи позитивниот тренд во справувањето со вирусот ковид -19.

„Сцените кои ги гледам денес од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд морада ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од било какви собири за да конечно почнеме да го враќаме животот во нормала“, напиша Филипче.

Османи на својот Фејсбук профил, пак, најави дека ќе има одговорност за она што се случи во Струга.

„Во градот каде што смртноста од вирусот е 20% од бројот на заразени, ова е највисоко ниво на неодговорност. Сега ниту една мерка нема смисла. Ќе има одговорност!“, напиша Османи.

По овој настан СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев. Додека пак министерот во емисија на Алфа ТВ искоментира дека имало некакви пропусти во организацијата на настанот во Струга и дека денеска ќе се спроведе истрага.

„За литијата во Струга ќе постапиме согласно полициските процедури да видиме кои се пропустите што се направени од страна на полициските службеници во Струга и во СВР Охрид. Имавме вакви случаи во Сингелиќ и Гевгелија, не е прв случај, генерално граѓаните ги почитуваат мерките, но се работи за важен верски настан којшто не е добро организиран очигледно. Како МВР ќе извршиме препознавање и доколку е неопходно ќе биде санкинирано“, изјави Чулев.

Слични содржини