Советот на амбасадори по повод најновите случувања во македонско-бугарските односи оценува дека секоја интервенција на минатото може да биде погубна и погрешно да се толкува со несогледливи последици.
Во соопштението испратено до јавноста, Советот на амбасадори нагласува дека историската наука го дала својот збор за состојбите во земјава од 1941 -1944 година и оти политиката би требала да се занимава само со сегашноста и иднината.
– Советот на амбасадори очекува многу поголемо внимание во јавната комуникација од носителите на највисоките и најодговорните државни и политички функции во двете земји и високо познавање и одговорност во јавните настапи за историските процеси и архивските документи, во што гледаме перспективи за соработка во рамките на големото, развиено и демократско семејство на членките на ЕУ. Во овој контекст уште еднаш нагласуваме дека историските настани не треба и не може да се прекројуваат, а иднината на која и да е земја, за која нејзините граѓани плебисцитарно се определиле, не смее да се попречува, се наведува во соопштението.
Советот на амбасадори оценува дека односите меѓу двете држави се наоѓаат во деликатна фаза и оти внатрешно-политичките, регионалните и пошироките меѓународни последици со евентуален континуитет на затегнати односи, и за Скопје и за Софија, можат да бидат мошне сериозни.
– Советот на амбасадори верува дека нашиот источен сосед ќе ја препознае неминовноста, декларациите, меморандумите и другите документи, да се трансформираат низ постапка со многу посилно изразена политичка волја за солидарност и отворена поддршка на европските перспективи на Република Северна Македонија. Тоа е заеднички интерес и императив за побрз напредок на регионот кон безбеден и стабилен амбиент, се вели во соопштението.
Сметаат дека гаранција за стабилен и безбеден регион ќе претставува суштинската поддршка на земјава од страна на сите земји членки на ЕУ, која ќе резултира со одржување на меѓувладината седница до крајот на годинава.