ВМРО-ДПМНЕ остана со советник помалку во Градското собрание. Довчерашната советничка во Советот на Град Скопје од редовите од ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова ја напушти коалицијата и ќе дејствува како независна во понатамошната работа.
„Ќе дејствувам независно, а вие слободно можете да продолжите со заканите кои ги испраќате до мене изминативе денови. Доследна сум на себе и своите принципи. Тие што ме познаваат, знаат за каква личност се работи. Воопшто не допирате, продолжете со уште посилно темпо. Вие ја блокирате работата на Градот, јас нема да бидам дел од тоа“, рече Попова од говорницата во Градското собрание.
Дел од останатите колеги во Советот на град Скопје ја поддржуваат Попова во својата одлука.
Според Рената Јајоска од СДСМ, секој советник може да делува самостојно и по свој избор, се додека го штити интересот на граѓаните, на оние кои го дале гласот за него/нејзе на последните локални избори.
-Факт е дека советничката била дел од листата на ВМРО-ДПМНЕ, но нормално е некогаш и да имате поразлични ставови, дали за одредени проекти, прашања или на принципиелна основа, вели Јајоска за „Локално“.
Во врска со можноста други советници да ја напуштат советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Јајоска вели дека сѐ е можно, но вели дека не би навлегувала во внатрешните состојби и превирања на најголемата опозициска партија.
-Чувствувам дека премногу сме фокусирани на политички прашања и лични релации, кој буквално ништо не им значат на граѓаните и нема да им го подобрат животот, додава советничката.
Со оглед дека градоначалничката Данела Арсовска аплаудираше на напуштањето на Попова, Јајоска смета дека со ова „не можеме да зборуваме за никакви победи на градоначалничката“.
-Ова не е ниту „пирова“ победа, знаејќи дека Советот не е ефикасен, не зборуваме за решавање на проблеми и нови проекти за скопјани туку доминантни се политичките обвинувања и навреди на лична основа. Жална е ситуацијата во градот и несериозно е да зборуваме за некаква „победа“, потенцира советничката.
Таа е децидена дека ситуацијата во градот Скопје во моментов е прилично хаотична.
-ВМРО-ДПМНЕ предлага амандмани, кои пред само неколку месеци беа предложени од СДСМ. Како на пример, амандманот за зголемување на средствата за реконструкција на Универзална сала. Тој амандман го предложив на 13-та седница на Советот на град Скопје, но експресно беше одбиен, затоа што во тој период градоначалничката Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште беа во добри односи. Тој тип на политички надмудрувања и инает придонесе граѓаните да ја загубат довербата во партиите и во носителите на јавни функции. Затоа што не го гледаме јавниот интерес туку иницијаторот на одредено решение, изјави соговорничката и додаде:
-Вчерашното усвојување на ребалансот на Буџет е само уште една потврда дека и во ова претставничко тело (Советот), за одредени групи поважни се политичките игри и договори, а не заштитата на јавните интереси и рационално користење на буџетските средства.
Советникот од СДСМ, Гордан Шутаров во разговор за „Локално“ вели дека сите членови на Советот на Градот Скопје својот легитимитет го црпат од граѓаните кој со својот глас за определена советничка листа, ги избрале и своите претставници во Советот на Градот Скопје.
-Демократско право е на секој избран претставник од страна на граѓаните во овој случај во Советот на Градот Скопје, да одлучи како ќе настапува во Советот. Впрочем такво демократско право го имало и претходно и ќе го има и понатаму. А во однос на тоа дали и други советници размислуваат да ја напуштат советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата ќе треба нив да ги прашате, сепак они се мнозинство и во Советот и власт во Градот Скопје, потенцира соговорникот.
За тоа дали излегувањето на Попова од коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, советникот од СДСМ вели дека не може да станува збор за нечива победа.
-Од ваквата ситуација единство можам да кажам дека има губитници и тоа се граѓаните на Градот Скопје, кои очекуваат да се решаваат локалните проблеми во Скопје,очекувааат одлуки со кои ќе се направи животот на секој еден жител на Скопје подобар, впрочем затоа и на последните избори ја дадоа довербата на ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска и програмата “За Модерно Скопје, брзо и сигурно”. Ниту Данела Арсовска може да се амнестира од ВМРО-ДПМНЕ, ниту ВМРО-ДПМНЕ може да се амнестира од Данела Арсовска. Ниту Модерно, ниту брзо ниту сигурно. Граѓаните одлучија СДСМ и коалицијата да биде во опозиција и ние продолжуваме да делуваме како опозиција, конструктивно и во интерес на сите граѓани но затоа ќе бараме и одговори и одговорност, истакна Шутаров.
Тој оценува дека во Советот на Градот Скопје во моментов владее еден тотален хаос и неред, која состојба не му доликува на еден Совет или Собрание на Град Скопје.
-Наместо да дискутираме за мерки,програми,одлуки, иницијативи, наместо да креираме долгорочни стратегии за развојот на Градот Скопје, наместо да решаваме секојдневни проблеми кои ги мачат граѓаните на градот, ние сме сведоци на еден искреиран циркус во кој единствена цел е придобивање на политички поени. Сведоци сте и вие новинарите и претставниците на медиумите каква е атмосферата во Советот на Градот Скопје и колку многу трпат граѓаните заради овие случувања и со право се гневни, порачува Шутаров.
Во однос на ребалансот на Буџетот кој вчера по повеќечасовна дискусија беше изгласан со неколку амандмани поднесени од страна на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, советникот од СДСМ вели дека е неприменлив за што се изјасниле и од страна на службите на Градот Скопје, односно секторот за финансии.
-Ние како советничка група не поднесовме амандмани од две причини. На седницата на Советот на Градот Скопје на 30. 06.2022 година беше усвоен првиот ребаланс на буџетот за оваа година и имаше прифатено амандмани и од страна на опозицијата односно советничката група на СДСМ и коалицијата, за сега со овој ребаланс истите амандмани бидат избришани од Буџетот на Градот Скопје за 2022 година, а истите беа по барање на граѓаните. И второ, лично сметам дека е лицемерно во пред-буџетски период, на месец и половина до крајот на тековната година да се поднесуваат амандмани, дотоколку повеќе што веќе наредниот месец е во очекување да започне седницата на Советот на Градот Скопје за донесување на Буџетот за 2023 година и сметам дека на оваа седница за донесување на Буџет е посоодветен момент за поднесување на амандмани, откако претходно ќе го видиме и разгледаме Предлог-Буџетот за 2023 година, заклучува Шутаров.
Н.П.