Советниците од СДСМ нема да гласаат за финансирање на Албанската академија

од Nikola Popovski
40 прегледи

СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите и со сите расположливи механизми ќе се спротистави во општините кои најавуваат дека имаат намера да го финансираат овој проект со пари на граѓаните, порачаа денеска од најголемата опозициска партија откако вчера од коалицијата ВЛЕН се пофалија дека во процес е формирање на паралелна Албанска академија на науките и уметностите, која на почетокот ќе биде финансирана од општини кои се раководени од функционери од коалицијата.

Пратеникот од СДСМ, Митко Трајчулески најави дека советниците од редовите на нивната партија во овие општини нема да го поддржат Буџетот за наредната 2025 година.

-Општините се на сите граѓани, буџетот е од сите граѓани и треба да биде за сите граѓани, да се инвестира во решавање на проблемите а не во создавање поделби и тензии, кажа Трајчулески, повикувајќи ги и останатите политички партии да се приклучат, особено советниците од ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалниците на четирите општини од редовите на ВЛЕН вчера одржаа средба со Здружението на академици Албанци. Според градоначалникот на општина Тетово Билал Касами, општините кои се предводени од градоначалници Албанци кои се дел од коалицијата ќе го финансираат ова здружение со цел Академијата да стане реалност.

„Денес, Албанците од Северна Македонија, каде што веќе имаат основано три универзитети со настава на албански јазик, имаат потреба или е време и момент да имаат застапеност на академско ниво, а ние ќе се ангажираме политички за да биде тоа можно еден ден“, рекол Касами.

Четири општини, вклучувајќи ги Тетово, Гостивар, Желино и Чаир, одлучија да го финансираат создавањето на Албанската академија на науките и уметностите, проект кој има за цел да ја промовира албанската наука и култура во Македонија.

Слични содржини