Советниците од ВМРО-ДПМНЕ со 4.000 амандмани ќе го блокираат носењето на ДУП-овите за „Алумина“, Влае и „Млечен“

од Nikola Popovski
388 прегледи

Со 4000 амандмани советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За обнова на Македонија“ ќе го блокира носењето на ДУП-овите во општина Карпош.

Според Роберт Вељановски советник на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Карпош во изминатиов период до нив како советничка група стигнале многу реакции од вознемирени граѓани на Карпош што било причина тие да се решат на ваков чекор.

„Денес поднесуваме 4.000 амандмани со кои времено ќе биде спречено носењето на Буџетот на Општина Карпош, но и спречено носењето на ДУП-овите за „Алумина“, Влае, Млечен и серија други ДУП-ови кои стојат на брзата трака за реализација до февруари. Овие налудничави обиди мора да бидат спречени. И затоа времено ќе го блокираме носењето на Буџетот на Општина Карпош. Буџетот на Општина Карпош мора да биде креиран за потребите на граѓаните на Карпош“, рече Вељановски.

Вељановски рече дека општина Карпош има цврста намера да ги донесе и реализира овие ДУП-ови но и дека како советничка група на ВМРО-ДПМНЕ остануваат доследни на концептот за хумана урбанизација и квалитетно секојдневие на жителите на општина Карпош.

Претходно, советниците од „Независни за Карпош“ изразија незадовлство од обидот за бетонирање на поранешна „Алумина“ и кажаа дека деталниот урбанистички план и тие нема да го гласааат. Истиот план кој е во фаза на јавна анкета треба да ги помине вратите на Град Скопје и Министерство за транспорт и врски.

За советниците од „Левица“ ова е пример за нарушување на уставно загарантираните права на жителите од Карпош за хуман третман на просторот. Велат, на ваков начин за запазуваат само интересите на инвеститорот но не и на граѓаните.

Општина Карпош објави 3Д-презентации како ќе изгледа просторот кај поранешна „Алумина“ во населба Тафталиџе, а според предвиденото ќе се гради комплекс од 8 згради со различна катност, меѓу кои двете највисоки ќе бидат со по 35 ката, односно приземје и 34 ката.

Според 3Д-презентацијата која е објавена на веб-страната на Општина Карпош, на просторот се нацртани осум згради, од кои шест се со висина од 9 до 14 ката, а две се кули од 25 до 35 ката. На просторот ќе се изградат модерни згради, со зелени тераси и покриви, а меѓу објектите ќе има зеленило и пешачки патеки.

Анкетни листови со забелешки на овој план можат да поднесат само оние кои се сопственици на земјиште во просторот на „Алумина“. Граѓаните кои имаат куќи веднаш до новиот комплекс згради кој се планира и кои живеат тука со години немаат право да поднесат анкетен лист оти не се во овој блок кој се планира.

Од граѓанската група „Борба за Влае“ велат дека со овој предлог ДУП личи како градоначалникот Стевчо Јакимовски да не се грижи за општината, за Тафталиџе и за целиот град.

Слични содржини