Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли заканата упатена од советник на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, во која се имплицираше дека американскиот претседател би можел да биде цел на напад додека се одмара во неговото одморалиште Мар-а-Лаго, пишува „UNILAD“.
Мохамед-Џавад Лариџани, советник на врховниот лидер, зборуваше за Трамп за време на телевизиска дебата за воената технологија на Иран, емитувана вчера на иранската државна телевизија. Со смеа, тој ја спомена идејата дека Трамп може да биде нападнат без никакво предупредување.
„Трамп повеќе не може да се сонча во Мар-а-Лаго, бидејќи додека лежи, микро-дрон би можел да го погоди право во папокот“, рече Лариџани. Сепак, веднаш потоа тој нагласи дека Иран нема да оди толку далеку. „Секако, се бориме како мажи“, додаде тој.
„Не сум баш љубител на сончањето“
Изјавата на Лариџани беше повторно спомената кога Трамп подоцна даде интервју за „Фокс њуз“. Водителот Питер Дуси се осврна на коментарот на иранскиот функционер и го праша Трамп кога последен пат се сончал. „Беше одамна. Не знам, можеби кога имав седум години. Не сум некој што се сонча“, одговори тој.
Додаде дека заканата не го загрижува. „Претпоставувам дека е закана. Всушност, сигурен сум дека не е, но можеби е“, рече Трамп. Зборовите на Лариџани доаѓаат само неколку дена откако Трамп изјави дека апсолутно ќе размисли повторно за бомбардирањето на Иран, откако американските сили извршија напади врз три клучни ирански нуклеарни постројки во јуни.
„Ако разузнавачките извештаи покажат дека Иран може да збогати ураниум до ниво што ве загрижува, дали би размислиле повторно за бомбардирањето на таа земја?“, го праша новинарот. „Знаете што ќе ви кажам? Тие се исцрпени“, продолжи Трамп.
„Иран и Израел се исцрпени“
„Но, тие се исцрпени. Последното нешто што им е на ум во моментов е нуклеарното оружје. Знаете за што размислуваат? Размислуваат за утре, како да преживеат“, рече Трамп.
По коментарите дадени од Мохамед-Џавад Лариџани, портпарол на Тајната служба на Соединетите Американски Држави (USSS) изјави за „Newsweek“ дека не можат да коментираат детали за специфични безбедносни проценки. „Работиме во средина со покачено и многу динамично ниво на закани, а безбедноста на претседателот и сите луѓе што ги штитиме е наш апсолутен приоритет“, рече тој.
Двајца високи ирански свештеници издадоа религиозен декрет, или фатва, повикувајќи на атентат врз американскиот претседател Доналд Трамп и израелскиот претседател Бенјамин Нетанјаху, според иранските медиуми.