Претседателот на Парламентарниот комитет за Косово, Милован Дрецун, обвини бугарски разузнавачи за дестабилизација на регионот. Ова е уште една скандалозна изјава во последните десет дена од страна на српски политичари.
Во интервју за весникот „Курир“, Дрецун вели дека „пред два месеци во Скопје е формиран моќен разузнавачки тим кој работи скриен во една голема западноевропска фабрика за автомобили“.
„Неговата цел е да биде блокирано постигнувањето компромисно решение меѓу Белград и Приштина. Во овој тим работат разузнавачи од Бугарија, Северна Македонија, Германија и Албанија“, тврди уште Дрецун, кој се смета за еден од најблиските на претседателот Александар Вучиќ и Министер за надворешни работи, Ивица Дачиќ.
„Во одделни соседни држави се води моќна кампања против постигнување на какво и да е компромисно решение меѓу Белград и Приштина. Скопје се претвора во моќен разузнавачки центар за работа против државните интереси на Србија“, вели Дрецун.
„Секое компромисно решение е главен стабилизирачки столб во регионот. Недостатокот на компромис меѓу Белград и Приштина е подготовка за нови судири во регионот и создавање на „Голема Албанија“, додава тој.
Српскиот државен службеник упати повик кон македонските власти да одговорат какви се целите на овој разузнавачки тим кој „целосно штети на Србија“.
„Што може да прават, освен да се собираат информации и да шират дезинформации. Овој тим нема за цел да ги штити нашите интереси, туку да работи против нив. Тоа никако не е безопасно. Можат да направат некоја медиумска и политичка диверзија и да предизвикаат дури и судири“, вели тој.
Познат по своите силни националистички ставови, советникот на Вучиќ често се појавува во медиумите со скандалозни тврдења, главно насочени против Албанија и Косово.
Пред само една недела Дачиќ направи скандалозна изјава за Бугарија и премиерот Бојко Борисов повторно за косовското прашање. Подоцна тој ги обвини медиумите за скандалот.
Борисов го повика Дачиќ јавно да се извини. Потоа српскиот министер за надворешни работи го нарече конфликтот „недоразбирање“ и увери дека е завршен, но без да се извини директно на бугарскиот премиер.