Советникот во Советот на Општина Кочани, Аки Акиов од Партијата за Демократски Просперитет на Ромите (ПДПР) се извини за немилиот настан откако со пластично шише повреди една вработена во Општината како правничка. Тој на денешната седница на Општината порача дека ја удрил „во момент на афект и под силен притисок на груби навреди, ненамерно без никаква умисла“.
-Таа не беше цел ниту заслужуваше да се најде во таа ситуација. Од се срце изразувам жалење и извинување. Сакам да нагласам дека тој ден бев повеќекратно провоциран како личност и припадник на ромската заедница, кажа Акиов.
Тој реагираше и на соопштението од ВМРО-ДПМНЕ и нивната советничка група во Кочани. Според Акиов, „во пи-арското соопштение бил претставен како насилник“ и дека „граѓаните добро знаат кој вршел насилство“.
-Ќе оставам на 19-ти октомври, моите сограѓани Роми да го кажат последниот збор, истакна советникот.
На 19-ти јуни, беше спречена физичка пресметка на 65-та седница на Советот на Општина Кочани, откако претходно во вербална расправија влегоа советниците Акиов и координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мирче Стојков. Темата беше лекувањето на повредените, а по упатените пцости, советникот Акиов тргна кон неговиот колега од советот.
Тепачката ја запре градоначалникот Венко Крстевски, но не успеа да го спречи разбеснетиот Акиов да фрли шише кое заврши во лицето на присутната правничка. Откако Стојков беше остранет од салата, дискусијата продолжи.