Заменик советничката за национална безбедност на американскиот претседател Доналд Трамп задолжена за Блискиот Исток, Дина Пауел во следните денови ќе поднесе оставка на функцијата, соопштија неименувани извори во Белата куќа. 
Најавата за оставката на Пауел доаѓа откако во средата Трамп донесе одлука за признавање на Ерусалим за израелски главен град и нареди да почне постапка за преместување на Амбасадата на САД во Израел од Тел Авив во „Светиот град“.
Коментирајќи ги ваквите информации, портпаролката на Белата куќа, Сара Сандерс изјави дека признавањето на Еруслаим за главен град на Израел и нејавената оставка на Пауел не се поврзани.
Според неа, Пауел уште претходно најавила дека има намера да остане на функцијата само една година, по што планира „да продолжи да работи на прашања поврзани со Блискиот Исток“.
Пауел, која е родена во Египет во коптско семејство, беше дел од тимот на зетот на Трамп и негов советник Џаред Кушнер, со задача да работи за обнова на израелско-палестинските мировни преговори, кои се во ќорсокак уште од 2014 година.
Кушнер од своја страна, коментирајќи ги најавите за оставка на Пауел, само кусо изјави дека таа „ќе продолжи да игра централна улога во напорите за мир“ на Блискиот Исток./МИА