Советници на Град Скопје: Референдумот за Ќосето би чинел колку еден круг избори

од Берта Китинска
746 прегледи

Најавата на градоначалничката Данела Арсовска дека споменикот на Јордан Андон Лазов – „Ќосе“ можно е да се врати на постаментот пред Врховниот суд во центарот на градот, покрена лавина на рекации и коментари во однос на тоа дали е потребно за ова спомен-обележје да се организира референдум.

По ова прашање и советниците на Град Скопје за „Локално“ ги изнесоа своите ставови.

Според Јанчева Љубица од редовите на СДСМ и советник на Град Скопје доколу тргнеме по кажувањата на градоначалничката до сега би требало да има 10-тина референдуми.

– Еден референдум чини колку еден круг избори за тероторија на Град Скопје со едно гласачко ливче. Парите би биле од буџетот на Град Скопје, вели Јанчева.

Советничката на СДСМ смета дека доколку Арсовска имаале комуникација со сите советници ,а и со новинарите, ќе знаела зошто е отстранет споменикот и каде бил оставен по отстранувањето од пред Врховен суд.

– Сега ми е јасно со што се занимавала изминативе месеци, наместо да се посвети на она за што граѓаните ја избраа, додава таа.

Советничката Теодора Крстевска од ДОМ смета дека нема потреба да се врати споменикот, објаснувајќи дека самото негово поставување на уште во 2014 година било контроверзно.

– Сметам дека ликот и делото на Андон Јанев Ќосето не соодветствуваат со демократските вредности, владеењето на правото, но и основните човекови слободни и права. Токму тоа и беше причината зошто споменикот на Ќосето беше тргнат од пред судовите, а на негово место беше поставено дрво на човековите права. Зарем симболот на правдата треба да биде озогласен терорист со нож во рака? Зарем олицетворение на моралните вредности во правниот систем не треба да бидат правдата и правичноста? Не смееме да дозволиме херои да ни бидат убијци и терористи, уште помалку истите да бидат лицето на правниот систем на нашата држава, вели Крстевска.

Таа потенцира дека средствата за распишување на референдумот се одвојуваат од буџетот на Град Скопје , согласно Законот за локална самоуправа и истиот се распишува за прашања од локално значење.

– Неспорно е дека граѓаните имаат право директно да одлучуваат за прашањата кои ги засегаат, но дали ова прашање воопшто треба да се поставува? Сметам дека Градот има многу поважни прашања на кои треба да двои пари од буџетот. Се наоѓаме во енергетска криза, буџетот за животна средина е три пати помал од минатата година, а патем се прекинуваат проекти за социјално ранливи категории со изговор дека нема доволно средства. Не смееме да дозволиме, парите на граѓаните да се трошат за небулозини идеи кои промовираат насилство, тероризам и политички каузи, додава таа.

Сергеј Попов од ВМРО -ДПМНЕ смета дека е подобро да се гради, а не да се руши, додавајќи дека тој како млад човек се залага за тоа.

-За жал за претходната градска администрација поважно беше да се руши се, па и да се тргаат споменици, наместо да се направи нешто што вистински ќе го подобри животот на скопјани, вели тој.

Според него Ќосето е историска личност и заслужува споменик.

-Не ми пречи покрај сите историски личности кои имаат споменик, да стои и споменикот на Ќосето. Прашањето за средствата е техничко прашање и би Ве замолил да се обратите до градската администрација за одговор, додава Попов.

Градоначалничката на Скопје, во своето последно интервју изјави дека долго време го барале споменикот на Андон Јанев-Ќосето.

-Споменикот на Ќосето долго време го баравме и успеавме да го детектираме. Два месеци се обидувавме да го најдеме. Кружеа гласини дека е стопен. Да не се грижат граѓаните, пронајден е споменикот. Во добра состојба е, а за негово поставување ќе ги прашаме граѓаните, рече Арсовска.

Споменикот беше поставен ноќата меѓу 6 и 7 септември 2014 година, како дел од проектот „Скопје 2014“, а беше пријавен како донација од Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин.

Ќосето беше тргнат од пред Врховниот суд на 22 февруари во 2018 година. Тогашниот градоначалникот Петре Шилегов рече дека споменикот е отстранет бидејќи бил дивоградба, а на негово место засади гинко дрво.

Б.М./М.А.

Слични содржини