Советниците во Аеродром потпишаа свечени изјави со „Република Македонија“

од Nikola Popovski
1,K прегледи

Денеска сите советници од Аеродром ја потпишале свечената изјава со името „Република Македонија“. Се повикуваат на членот 38 од Законот за локална самоуправа во кој е нaведено дека ќе го почитуваат Уставот, законот, прописите на советот и ќе го штитат уставниот поредок на Република Македонија.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски, во изјава за ТВ Телма, открива дека Законот за локална самоуправа, во кој всушност во свечената изјава што ја даваат советниците, стои старото име на државата, Република Македонија, не бил променет затоа што Собранието не можело да обезбеди двотретинско, а дополнително и бандентерово мнозинство.

Потегот на советниците од опозицијата во Штип и Аеродром кои ја потпишаа свечената изјава со старото име, го оцени како политиканство, и ги повика да го почитуваат Уставот, затоа што Законот за локална самоуправа никогаш не може да биде над највисокиот акт во државата.

МНР изразува загриженост од постапките на дел од советниците избрани на последните локални избори и укажува дека со Законот за ратификација на Конечната спогодба и Уставот од јануари 2019 година, уставното име на државата е Република Северна Македонија. Сите државни институции и единици на локалната самоуправа се должни да го почитуваат тоа и да ги усогласат сите акти кои ги донесуваат со Уставот, децидни се од МНР.

Левица синоќа соопшти дека нејзините советници, освен во Штип, свечена изјава на која стои името „Република Македонија“ потпишале и во Советот на Општина Аеродром.

-Меѓу другото, се бориме за сѐ помасовна употреба на уставното име усвоено со Референдумот од 1991 година, коешто формално правно е, и мора да биде во употреба, бидејќи промената на името после неуспешниот Референдум во 2018 е противуставна и спротивна на изразената волја на граѓаните! Поради ова, на денешната седница во Општина Штип, претставникот на Левица во Советот, остро застана зад позициите на ставот на Партијата – свечената изјава да биде потпишана како што е пропишана во Законот за локална самоуправа – односно, со името Република Македонија! Освен во Општина Штип, свечена изјава со правилното име – Република Македонија, беше потпишана и од страна на советниците на Левица во Општина Аеродром, велат од Левица.

Слични содржини